Два потписи од двајца избирачи ќе бидат потребни за да можат независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на претстојните локални избори кои треба да се одржат во октомври.
Ова го предвидува новиот Правилник за регулирање на постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи и за начинот на определување на нотарите за локалните избори 2025 година, кој Државната изборна комисија го донесе вечерва на седница. Правилникот без усвоен со шет гласа за, а единствена против беше Дитмире Шеху.
Правилникот го предложи членот на ДИК, Александар Даштевски повикувајќи членот 63 од Изборниот законик кој како што рече не е укинат, а ја регулира постапката за собирање потписи за предлагање кандидати, иако членот 62 кој се однесува на локалните избори Уставниот суд го укина.
„Врз основа на член 63 став 3 собирањето потписи во постапката на кандидирање согласно одредбите на Избирниот законик почнуваат 10 дена од денот на распишувањето на изборите и трае 15 дена. Кога подносител на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи потребно е предлогот на кандидатската листа да го потврдат пред подрачните одделенија или регионални канцеларии на ДИК со важечки документи за личен идентификација, со адреса на живеење на соодветна општина за која се поднесува соодветна кандидатска листа и притоа за поддршка на истата на приопишан образец да бидат потпишани најмалку два избирачи“, рече Дашевски образложувајќи одредби од новиот Правилник, откако стариот беше ставен вон сила бидејќи Уставниот суд укина два члена од Изборниот законик.
Даштевски нагласи дека потписите за поддршка на предлогот на кандидатските листи за кандидат на членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник се врши во временски период утврден согласно членот 63 став 3 од Изборниот законик во период на редовно работно време на подрачните одделенија и канцеларии од 8:30 и 16:30.
„Овие се специфичните работи кои ќе важат само за овие избори, па затоа и предлагам на ДИК овој Предлог правилник да го усвои“, рече Даштевски.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко истакна дека има спротивно мислење од Даштевски од процедурално правен карактер, но оти сепак тој и неговиот колега Оливер Ристовски ќе гласаат за Правилникот.