Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска упати честитка до граѓаните по повод државниот празник 11 Октомври, Денот на народното востание.
-Ова е ден со кој се обележува почетокот на одлучната борба против фашизмот – најголемото зло во историјата, и почетокот на решителната борба за слобода и достоинство, со што била дадена поддршка и помош за победата на доброто врз злото во Втората светска војна. Денешниот празник е значаен ден во историјата на државата и јас посакувам сите да го одбележиме достоинствено и во големо празнично расположение, вели Џафери во честитката.
Борбите на народите се менуваат низ годините, додава тој, начините на борба, исто така, се менуваат согласно со современите предизвици што ги носи брзиот технолошки развој.
-Меѓутоа, едно остануваа исто засекогаш а тоа е, никогаш да не заборавиме да бидеме на вистинската, исправна страна, односно да се бориме за достоинствен и еднакво добар и квалитетен живот за сите. Заедно да го изодиме патот на евроатланската интеграција и да градиме стабилна и сигурна иднина за идните генерации во држава која ќе биде пример за успех во историјата, вели претседателот на Собранието.