Педијатриска медицинска сестра Анифа Љеши од Дебар, од синоќа е една од најсреќните жители на овој град. Го добила и вториот контролен резултат за коронавирус и бил негативен, вест што возбудено и среќно ја дочекало целото нејзино семејство.
За искуството и војната со Ковид 19, симптомите, терапијата и поуките што младата медицинска сестра ги извлече од нејзиното искуство, прочитајте во продолжение:
Вчера дознавте дека и вториот тест за Ковид 19 ви е негативен и дека сте во групата на пациенти што се излекувани. Ви честитаме и Ви посакуваме добро здравје! Може ли да ни кажете како изгледаше вашиот живот од моментот кога ви кажаа дека имате коронавирус до вчера кога тоа се промени?
– Би сакала секој што е загрижен во врска со оваа болест да одвои малку време да го прочита моето искуство. Знаете, кога животот ќе ви приреди неочекувани изненадувања, прво не можете да одвоите дали тоа е сон или реалност. Првиот момент кога дознав беше тотален шок, речиси во секунда сите мои слики од животот ми поминаа низ глава, децата ме гледаа исплашени и вчудоневидени не знаеа како да ми пријдат и како да ме сожалуваат. Во тој миг смогнав сили и си реков самата на себе, чекај, овде не е крајот имам јас планови за животот. И така ,,спортски” му посакав добредојде на тој непознат непријател во мене.
Се лекувавте дома. Како се лекувавте, каква терапија ви беше препишана и земавте ли суплементи?
– За моја среќа, во сета оваа несреќа, јас бев во групата на оние инфицирани кои што не покажуваат симптоми. Иако, уверена сум дека непознатото секогаш останува големаенигма се додека не го сфатиме вистински. Вистина е дека дома се лекував, а најдобрата терапија ми беа моите блиски со кои што од првиот момент добив сила. Медицински, примав Сумамед бета имун апчиња и витамин Ц.
Какви симптоми имавте?
– Ви реков дека бев класифицирана во групата асимптоматски пациенти, меѓутоа, тоа не значи дека немав никакви симтоми. Некаде после вториот ден осетив дека многу тешко, да не кажам воопшто, не чувствував ни мирис ни вкус. А тоа до некој поголем процент можеби беше и резултат на психичкото оптоварување, меѓутоа свесна бев, дека сум во војна и морав да војувам!
Се сеќавате ли како дојде до тоа да се заразите или ова се случи без ваше знаење?
– Ова е исто така една голема енигма, верувајте. Јас како медицинско лице, а во тоа и целиот тим кај што работам, бевме свесни за ризикот и секако дека секојдневно се соочувавме со многу пациенти. Нив никако и никогаш не можам да ги обвинам, бидејќи, кога јас и ние се заразивме, светот, а и многумина во нашата јавност, уште немаа приметено дека станува збор за една голема закана, која денеска гледаме, после толку време дека била навистина реална. Сметам дека до ова дојде како резултат на секојдневието, на контактот со пациенти и луѓе кои што можеби биле заразени, а тоа не го знаеле.
Што се случува сега со излекуваните од коронавирус? Може ли да му се вратите на нормалниот живот или мора да сте во постојана координација со епидемиолог?
– Според тоа што ни го рекоа компетентните епидемиолози, сега ние сме тотално излечени што значи скоро ќе може да се вратиме на рутината. Но, секако тоа ќе биде под строги лични и професионални мерки.
Што научивте од вашето лично искуство за вирусот и каков апел би сакале да им упатите на читателите?
– Што научив… Видете како прво, најбитно е дека вирусов не е играчка. Верувајте дека во секој миг сте под зголемена доза на стрес. Секој миг помислата на влошување на состојбата те јаде. Силен човек во душата и умот, можело се да преброди. Мојот апел би бил многу краток и јасен. Ве молам луѓе, сакајте го животот свој, зашто ништо од него не е поважно. Затоа, почитувајте ги препораките и ве уверувам на крај победничкиот пехар ќе вее гордо во вашите раце.