27.9 C
Ohrid
петок, јуни 25, 2021
Почетна Македонија Словенија се спаси во 97. минута, несреќно реми за Македонија!

Словенија се спаси во 97. минута, несреќно реми за Македонија!

Translate (Eng):[gtranslate]

Фудбалската репрезентација на Македонија беше на прагот да ја положи првата од двете „генералки“ пред Европското првенство (ЕП) и на домашен терен да слави над Словенија, но еден доцен гол на противникот (1-1) го расипа одличниот натпревар на нашиот национален тим во кој се истакна тимската игра и хемија, токму она што ни е потребно на континенталниот собир.

Извештај од натпреварот:

Публиката се врати на трибините и ги поздрави хероите на Ангеловски за пласманот на ЕП, а тие им возвратија со добра игра, но за жал со резултатско реми. Нерешениот резултат пристигна во самиот финиш, по едно невнимание во одбраната и долго судиско надополнување. Сега за Македонија следи дуел со Казахстан, исто така во Скопје, а според најавите и на него ќе има публика.

РЕКЛАМА

Нашиот национален тим тргна одлично на стартот, Ангеловски се одлучи за стандардниот избор и офанзивната формација која во напад ги носи Елмас, Трајковски и Пандев. Македонија диктираше темпо на игра, притискаше, а имаше една сериозна шанса преку Елмас кој не успеа да реализира. Словенците за првата шанса на натпреварот чекаа до 11. минута, кога Иличиќ влезе сам и по еден слалом шутираше, арно ама топката профуче крај дирекот на Димитриевски.

Македонија потоа се врати на препознатливата игра и држеше топка. Се играше доста борбено, со повеќе прекршоци, а следните две шанси на национален тим беа од прекин. Прво во 20. минута Муслиу задоцни со глава по еден центаршут на Елмас, а потоа во шанса се најде и Пандев, но не реализира. На полувремето немаше голови, па по еден прекин во 53. минута Алиоски го пронајде Пандев, тој шутираше во блокот, а потоа топката дојде и до Велковски ама стоперот беше прекраток за да ја стигне.

Само две минути подоцна пристигна водството за Македонија, кога Елмас постигна еден ефектен гол со волеј и го совлада Белек, кој на паузата го замени Облак. Притисокот на Македонија продолжи и по голот, а Адеми пропушти можност да ја казни шокираната Словенија вторпат, само две минути по постигнатиот погодок на Елмас.По голот следеше двојна измена во Македонија, Ангеловски ги повлече Николов и Трајковски, а ги внесе Костадинов и Тричковски.

Слично размислуваше и Кек и овој дуел го гледаше како шанса за воигрување. Шанса добија дебитантот Сеско, како и помладите Црнигој и Бијол. Токму Тричковски имаше добра прилика во 70. минута кога излезе пред голот на Словенија, но не реагираше навремено. Потоа излегоа Пандев и Бејтулаи, се испроба тактика со Аврамовски и Ристевски, но формацијата остана иста. Шанса во финишот доби и Дарко Чурлинов да го запише вториот настап во дресот со државниот грб, како и Ферхан Хасани, а најдобрата шанса за втор гол во завршните пет минути ја имаше Алиоски, но Белек го пратеше движењето на топката.

Кога сите чекаа крај, во 97. минута, Словенците од првата шанса и првиот шут во рамки на голот на Димитриевски дојдоа до реми. Стрелец беше Црнигој, кој доби топка од Бијол и ја стресе македонската мрежа.

Следниот натпревар Македонија го игра исто така на Арената „Тодор Проески“ против Казахстан, а датумот е 4 јуни. Тоа ќе биде последен подготвителен меч пред премиерата на Европското првенство.
ИЗВОР: ГОЛ МК

- Реклами -