17.9 C
Ohrid
недела, мај 19, 2024
ПочетнаМакедонијаЕксклузивно интервју за Шило Mагазин со амбасадорот на Република Чешка, Н. Е....

Ексклузивно интервју за Шило Mагазин со амбасадорот на Република Чешка, Н. Е. Јерослав Лудва

Интервју со амбасадорот на Република Чешка, Н. Е. Јерослав Лудва

ЛУДВА: ЕВРОПСКАТА УНИЈА, КАКО И СЕ’ ОСТАНАТО, НЕ Е СОВРШЕНА!

Автор: м-р Слободан Томиќ

Од технички апсект влезот на Македонија во Европската Унија може реално да се случи во 2030 година, затоа што периодот од осум години од започнувањето на пристапните преговори до полноправното членство е вообичаен, што беше и случај со Република Чешка, вели во ексклузивно интервју чешкиот амбасадор Јарослав Лудва. Додава дека секако е тешко сега да се зборува за 2030 година како за сигурен датум, затоа што на него може да влијаат многу фактори, меѓу кои и политички. Разговаравме и за политичкиот контекст во Европа, војната во Украина, но и за приватни работи. Од кујната во Македонија му се допаѓа јагнешкото месо, особено ако е подготвено во еден локал во Мрзенци, Гевгелија, кој му е омилен град во земјава, а еден интересен факт е дека тој никогаш во животот нема испиено ниту едно кафе.

Сепак светот ја живее една од најпредизвикувачките кризи до сега, а потребата за енергија ја стави на тест и европската подготвеност.

Амбасадоре Лудва, енергијата погоди повеќе од европските земјии, во каква ситуација од тој аспект се најде Република Чешка?

Лудва: Република Чешка има предност што е енергетски самостојна, па дури и извезува електрична енергија. Дури 40 отсто од електричната енергија потекнува од термоелектраните, 36 проценти од две нуклеарни електрани, 12 отсто се создава од обновливи извори (главно хидроенергија, но и од ветер и соларни панели) и 12 проценти гасна енергија. Што се однесува до нафтата, Република Чешка во моментов набавува 49 проценти од Русија, а понатаму околу 25 отсто од Азербејџан и 12 проценти од САД. Добивањето нафта од домашни извори во Моравија е само 2 проценти. Целта е што повеќе да се диверзифицираат изворите на енергија. Набавката на земјен гас брзо се менува. Во септември престана да тече гасот од Русија во нашата земја, што претставуваше 78 отсто од вкупниот увоз. Во моментот се увезува гас главно од Норвешка, како и течен природен гас од терминали во Белгија и Холандија. Овие набавки заедно со фактот што нашите резерви се 99 отсто наполнети значат дека би требале да ја поминеме зимата без проблеми.

Изминува годината која ја обележа руската инвазија на Украина. Вие ја осудивте постапката, а демонстриравте и солидарност.

Лудва: Република Чешка суштински ја осудува руската инвазија на Украина. Уште од почетокот беше и сè уште е солидарна со Украина. Обезбедува помош во форма на оружје, храна, хуманитарна помош, но и даде засолниште за половина милион бегалци од Украина и е многу солидарна на политичко ниво. Поддршката не е само на политичко ниво, туку истата е јасно видлива и во чешкото општество.

Македонија и членството во ЕУ

Дали е реална и можна ревизијаа на францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија? Во него билатерален договор со Бугарија е услов за исполнување на критериумите за членството во ЕУ, а Виенската конвенција од 1969 година е многу јасна дека со билатерален договор не може да се суспендира меѓународното право.

Лудва: Ревизијата на францускиот предлог не е реална. Францускиот предлог е во денешно време најдоброто што е на масата и всушност единственото. Република Чешка секогаш инсистираше дека билатералните прашања не би требало да влијаат врз преговарачката рамка и го поздравуваме фактот дека во францускиот предлог билатералниот протокол не е формален составен дел од преговарачката рамка.

Постојат шпекулации за членство на Македонија во Европската Унија во 2030 година. Која е вашата визија по ова прашање?

Лудва: Ако му пристапиме на прашањето само од техничко гледиште, датумот во 2030 година може да биде реален, затоа што периодот од осум години од започнувањето на пристапните преговори до полноправното членство е вообичаен, што беше и случај со Република Чешка. Тешко сега да се зборува за 2030 година како за сигурен датум, на него може да влијаат многу фактори, меѓу кои и политички, но сам за себе повторувам дека овој датум може да биде реален.

Убавите зборови не се доволни за борба против корупцијата, порача евроамбасадорот Дејвид Гир. Американската амбасадорка Анџела Агелер заедно со тимот на Стејт Департментот бараат конкретни резултати во решавањето и казнивоста на криминалот и криминалците во Македонија. За жал, Владата на Ковачевски по народната “Држте го крадецот”! Како амбасадор на Чешка, претседавач со ЕК, како го коментирате ова?

Лудва:Корупцијата е присутна во секое општество, никој не е имун, борбата со корупција е императив секогаш и секаде. Борбата против корупцијата е една од основните претпоставки за успешниот европски пат на секоја земја-кандидат, се провлекува низ реформите, не може да се попушти ни за миг. Оваа тема е жива и во Западен Балкан, во последно време во Скопје се одржаа неколку конференции на локално и регионално ниво, добро е да сме свесни за она што е битно денес и секојдневно.

Се зголемува евроскепитизимот во овој регион па и во земјава. Која е вашата порака?

Лудва: Европската Унија како и ништо на овој свет не е совршена. Сепак, тоа е најдоброто што можеме да го замислиме во сегашната Европа, тоа е обостран однос. На Северна Македонија за своето подобро утре ѝ е потребна Европската Унија, но важи и обратното, на Европската Унија ѝ е потребна Северна Македонија и Западен Балкан во своите редови, веројатно и повеќе.

Пред да биде амбасадор во Македонија, Лудва беше во Тирана, Абу Даби, Манила, Ташкент и Сингапур. Сепак какво е искуството овде?

Што ви е најомилено од македонската кујна?

Лудва: Ја сакам македонската кујна исто како и македонските граѓани. Најомилено јадење ми е убаво подготвеното јагнешко месо во ресторанотЈавор, кај Ѓоко во Мрзенци, Гевгелија. Македонското вино е многу познато, како и квалитетно, дефинитивно поквалитетно од виното во Чешка. Го сакам пивото Скопско и ракии направени од различно овошје, на пример од калинки.

Дали Македонците се гостопримлив народ?

Лудва: Македонците се многу гостопримливи луѓе, што е многу пријатно, за разлика од Република Чешка.

Дали стекнавте македонски пријатели со кои се посетувате?

Лудва: Во Северна Македонија сум само кратко време, а уште и имав здравствени проблеми, но сепак имам неколку пријатели со кои се гледаме.

Дали го следите светското фудбалско првенство во Катар?

Лудва: Го следам Светското првенство во фудбал, но за мене, како и за значителен дел од Чесите, најмногу ме привлекува хокејот на мраз, натпреварите на НХЛ, што во овој период ги следам повеќе од фудбалот. Мислам дека најсилни на светското првенство, како и во повеќето случаи, се Јужноамериканците.

Дали имате некое хоби, играте фудбал или се занимавате со други спортови?

Лудва: Моето хоби е климатологијата, странските јазици и секако спортот. Се натпреварував во хокеј и тенис. Моментално трчам и возам планински велосипед за што има одлични услови во Скопје.

Дали сте успешен во кујната?

Лудва: За жал, морам да признаам – ако останам сам во кујната, најверојатно ќе умрам од глад.

Каде ќе ги славите Божиќ и Нова Година?

Лудва: Божиќ ќе го славиме во Скопје, а Нова година во Тирана.

Каква ви е желбата за новата година?

Лудва: Јас би сакал Северна Македонија да напредува на својот европски пат, затоа што и граѓаните го заслужуваат тоа, по толку долги години чекање.

Со кого го пиете првото утринско кафе?

Лудва: Веројатно ќе морам да ги разочарам читателите, но сè уште чекам да го испијам првото кафе во мојот живот.

Дали научивте македонски?

Лудва: Македонскиот е многу интересен јазик, го учам, го разбирам, но зборувањето ми е послабо. Македонскиот јазик не е тежок за учење бидејќи има многу едноставна граматика.

Каде најмногу сакате да престојувате во Македонија?

Лудва: Ако можев да бирам, би сакал резиденцијата ми биде во Гевгелија. За жал, секојдневното патување до Скопје веројатно би било покомплицирано.

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Марија на матурската забава во Берлин се појави во македонска народна носија!

Марија на матурската забава во Берлин се појави во македонска народна носија! Марија со нејзините родители Игор и Бети Кирески со потекло од Гостивар, живеат...

Во завршна фаза градежните активности за партерно уредување на дворот во Охридската Гимназија

Градежните активности за партерно уредување на дворот на гимназијата „Св. Климент Охридски“ кои се одвиваат во овој момeнт се во завршна фаза. Треба да...

Сиљановска Давкова назначи нов генерален секретар, познатиот новинар ќе биде негов заменик

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги има првите кадровски решенија за во Вила Водно. Досегашниот генерален секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и...

Деветмесечно бебе почина во Општата болница во Охрид.

Деветмесечно бебе почина во Општата болница во Охрид. Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски вели дека случајот е пријавен во полиција вчера во 08:10 часот. -...