7.9 C
Ohrid
сабота, ноември 23, 2024
ПочетнаМакедонијаЈован Колоски после 4 години се разбуди од кома а сега слави...

Јован Колоски после 4 години се разбуди од кома а сега слави матура !!!

Јован Колоски, чудо од дете, кој по четири години поминати во кома успеа да се разбуди и да ја победи лошата болест и покрај тоа што овдешните лекари им ги затворија вратите и ги испратија во сигурна смрт, стана матурант. Јован се спрема за факултет, има свои планови и желби – Сака да биде глумец. Колку е тоа реално, не знае ниту тој ниту, пак, родителите затоа што лекувањето не е завршено.

Иако тешката болест, во 2009 година  му го одзеде детството, тој се врати онаму каде што застана. На неговиот 13. роденден се разбуди од кома. Не препознаваше никого. На ништо не се сеќаваше. Болеста му го избриша детството. Одново како мало дете ден по ден почна повторно да учи за животот, да вика мама, тато, баба…

 

Јован Колоски, струшкото  детето херој, кој по четири години поминати во кома успеа да се разбуди и да ја победи лошата болест и покрај тоа што овдешните лекари им ги затворија вратите и ги испратија во сигурна смрт, стана матурант. На радоста и возбудата во семејството Коловски ѝ нема крај. А и треба да бидат среќни, покрај сето она што го доживеаја додека детето го кренаа на нозе. Велат дека сите се возбудени, а најмногу Јовче како што милуваат да кажат неговите родители, Мира и Димитрија, кои деноноќно бдееја над нивното синче единче, кое го чуваа како капка роса во нивните раце.

Како и сите матуранти и Јован се подготвува за најубавата ноќ, кога заедно со неговите врсници ќе зачекори по патеката на полнолетството. Вчера го побаравме по телефон, беше видно возбуден. Ни раскажа дека се чувствува необично, но дека сè уште не знае што да се облече за матурската вечер која заедно со неговите другари ќе ја прослават во еден од струшките ресторани. „Имам и партнерка. Таа ми е другарка од клас – низ смеа и срамежливо почна да ни раскажува Јовче, опишувајќи дека сака да биде најубав таа  вечер, но дека сè уште нема одлучено што ќе облече.

Тој во 2015 година се запиша во гимназијата во Струга, каде што исто така беше многу добро прифатен. И учениците и професорите, како и сите вработени се трудеа да му помогнат кога за тоа имаше потреба. „Сите несебично помагаат во социјализацијата на Јован – Јован се дружи со другарите, излегува на кафе со нив, понекогаш заедно учат, оди во теретана, … Сега главна преокупација им е матурската забава и заедно и ги планираат активностите околу вечерта, табло, алманах, избор на облека, партнерка, …

По полагањето на Државна матура, која се надеваме ќе заврши успешно, на ред е избор на факултет. Јован има свои планови и желби – Сака да биде глумец. Колку е тоа реално, не знаеме затоа што лекувањето не е завршено. На секои три месеци Јован мора да прими терапија во Љубљана. Никој не знае до кога ќе трае и како ќе се одвиваат работите. Тоа многу не исцрпува и психички и физички, но најмногу финансиски. Само Господ знае до кога ќе трае нашава борба – вели мајка му Мира и упати апел до сите родители да не се откажуваа  лесно и кога ќе се соочат дури и со најголемите предизвици.

Пеколна година

А сè започна во 2008 години, кога ненадејно Јовче, кој само што зачекори во првото одделение, го нападна лошата болест за која македонските доктори не можеа да утврдат дијагноза. Од тоа попладне започна агонијата на семејството Колоски и долгата исцрпна борба со болеста која трае и ден-денес. Јовче најпрвин почувствувал некоја жештина во левата рака, а потоа се згрчил и го фиксирал погледот. Додека стигнале во Скопје состојбата се средила. На Детска клиника по прегледот му била одредена  дијагноза вирусен менингитис, другиот ден бактериски па туберкулозен, за да постепено почне да ја завлекува ногата, говорот. По неколку недели родителите го слушнале шокантното објаснување на докторите „Ова дете е во кома, не оди  и ќе умре. Вие само чекајте го тој момент…се присетуваат како да беше вчера двајцата родители кои како лавови се бореа и борат за Јовче.

И покрај што ги слушнале страшните вести, родителите не се согласиле  со тоа уште повеќе затоа што лекарите не знаеле што се случува со Јован. Додека престојувало во болница детето добивало страшни напади со тресење и грчење на цело тело . „Се превртуваше, му пукаа коскитe. Не успеаја да го смират ни за момент. Дури нè тераа да земеме и со лисици да го врземе за болничкото креветче. Со закана кон докторката која го водеше, успеавме да добиеме документација за да бараме спас во странство. За наша среќа веднаш одговорија од Клиничкиот центар во Љубљана и на 24.11.2008 стигнавме таму – раскажува Мира.

Кога го однеле детето, тамошните лекари биле запрепастени. Од тоа што Јован бил неподвижен и несоодветно третиран, целиот бил со  рани по телото. Прво што направиле тамошните лекари му ги средиле раните и почнал долгиот процес на лекување.  „Состојбата се влоши. Мораа да го стават во вештачка кома. Три месеци бевме таму и не успеаја да утврдат што е со Јован, но најдоа терапија која ги смири нападите”, се присетуваат Мира и Димитрија на тешките денови кои длабоко се вкорениле во нивната душа. Поради немањето да ги намират болничките трошоци, тие биле принудени  се вратaт дома иако детето сè уште беше во кома. „Од јули 2009 до јануари 2010 бевме во домашни услови без да има контрола од доктор или да ни се пружи каква било помош. Сите само креваа раце и отворено ни велеа – „Не сакаме вакво златно дете да ни умре овде, носете го дома.”  или „Вашето дете сака да ја испушти душата дома со вас родителите, а не по болници” – раскажува Димитрија .

По враќањето кога сите болници им ги затворија вратите Мира и  Димитрија својот дом го претворија во вистинска болница. Сведоци бевме на нивна борба но и неисцрпната,  исконска љубов да го спасат нивниот син. Детето во таа година само вегетираше,а единствен знак дека сè уште е живо покажуваше пулсот на неговите вратни жилички. Го лекуваа како знаат и умеат. Понекогаш Димитрија ќе се пожалеше и ќе речеше можеби детето сака да се разбуди од кома, а ние со лековите што му ги даваме можеби пак го успиваме затоа што никој не ни помага. Семејството покрај тоа што лавовски се бореше  со болеста, се бореше и со немаштијата. Продадоа сè што имаа само да го продолжат лекувањето, а Фондот за здравство не им даваше пари. Единствена светла точка во здравството им беше доктор  Аспазија Софјанова, која неколкупати заедно со нив како лекарска придружба одеше во Словенија.

Колку што тие се бореа за животот на Јован исто толку се бореше и докторката Мирјана Перковиќ-Бенедик од Педијатрична клиника во Љубљана, која  за цело време го изнесувала случајот пред научни институции во светот. Подоцна од Оксфорд ја одредија дијагнозата НМДАР енцефалитис. Многу ретка болест 20 – 30 случаи во светот. Јован повторно беше однесен на лекување во Словенија со помош на донациите што ги собираа во меѓувреме . Благодарение на соодветната терапија на доктор  Бенедик, Јован почна да ја добива битката

Се разбуди на својот 13. роденден

Иако тешката болест му го одзеде детството, тој се врати онаму каде што застана. На неговиот 13. роденден се разбуди од кома. Не препознаваше никого. На ништо не се сеќаваше. Болеста му го избриша детството. Одново како мало дете ден по ден почна повторно да учи за животот, да вика мама, тато, баба. И научи, а потоа тргна во училиште. На радоста ѝ немаше крај. Кога пристигна во училиштето, горд со ранецот на неговите сè уште кревки плеќи, тој се присети на сè. Се сети на неговите другари со кои седел во клупите. Неуморно  со помош на неговиот татко, кој е професор по математика тој го совладуваше сите препреки. Научи да чита, пишува да раскажува. Заврши основно и се запиша во гимназија. Како и секое младо момче во тинејџерски денови и нему вниманието му го привлекуваа неговите врснички, па често пати место книгата повеќе сака да биде опкружен од своите врснички меѓу кои во доверба ни кажа дека е и неговата симпатија.

Пацка ЛАЗАРОВА

(авторот е новинар на весникот ВЕЧЕР и ја има добиено наградата Мито Хаџивасилев Јасмин, за сторијата за Јован Колоски)

извор: вечер

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новата заменик-генерална секретарка на НАТО

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО. За обете важната функција...

ЈСП доби нафта, скопјани заборавија дека има протест

Со транспарент во дворот на Град Скопје на кој пишува „500 милиони денари се должат на ЈСП од влада за бесплатен студентски превоз” со...

При ископини пронајдени темели од црква: Јени џамија во Битола ќе претставува Музеј на христијанската и муслиманската култура.

По долги години ископувања и реставрација, повторно e отворена за посетители Јени џамија во центарот на Битола која ќе претставува Музеј на христијанската и...

Приведени пет лица во Тетово – Одземени 450 грама марихуана

Во Тетово на 19.11.2024 околу 18 часот на улица „Ван Вардарска“ полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Н.С.(23), Л.Р.(23), М.З.(18), С.И.(27)...