Напредокот во преговорите меѓу руската и украинската страна, кои почнаа денеска во Истанбул, ќе го отвори патот за средба меѓу двајцата претседатели на тие земји, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Во своето обраќање пред преговарачите во Истанбул, Ердоган истакна дека е дојдено време разговорите да дадат конкретни резултати и повика на итен прекин на огнот.
Тој нагласи дека одговорност на страните е „да ја запрат оваа трагедија“, дека „нема да има губитници во постигнувањето праведен мир“ и дека „продолжувањето на конфликтот никому не му користи“, а после говорот доби аплауз.
Турскиот претседател изјави дека неговата земја уште од самиот почеток зазела „правичен став“ за конфликтот во Украина на сите нивоа и дека преговарачкиот процес што започнал ги зголемил надежите за мир.
Ердоган, исто така, изрази надеж дека средбите ќе бидат корисни за земјите и регионот, а особено нагласи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин се драгоцени пријатели на Анкара.