Индонезискиот претседател Јоко Видодо денес ја откри локацијата на новиот главен град кој ќе го замени актуелниот Џакарта кој е пренатрупан и тоне под нивото на морето.
Новиот државен администрациски центар ќе биде изграден во шумското подрачје на границата помеѓу окрузите Кутаи Картанегара и Пенаџам Пасера во близина на градот Баликпапан, откри претседателот на Индонезија.
„Локацијата е стратешки избрана, се наоѓа во центарот на Индонезија“, изјави претседателот Видодо пред новинарите.
Според индонезиските власти, на тоа избрано подрачје се минимални ризиците од поплави, земјотреси, цунами и вулкански ерупции. Предог законот за изградба на нов главен град би требало да биде потврден веќе утре.
Индонезискиот претседател додаде дека Џакарта е пренатрупана како адмиистрациски и трговски центар на островот Јава. Владата планира селидбата во новиот главен град да започне во 2024-та година на крајот од вториот петгодишен претседателски мандат на Видодо.
Тамошните власти проценуваат дека преместувањето во новиот главен град на Индонезија ќе ја чини земјата околу 33 милијарди долари.
Индонезиските власти беа принудени на ваков чекор поради пренатрупаноста на Џакарта, но и поради земјиштето кое што тоне под нивото на морето. Студијата на Технолошкиот институт Бандунг покажува дека до 2050-та година под вода ќе биде дури 36% од Џакарта.