Азир Алиу – кандидатот за министер за информатичко општество и администрација од редовите на Алијанса за Албанците бил советник на Никола Груевски додека тој беше шеф на Владата.
Ова го пишува и во неговата биографија, во која, меѓу другото, Алиу навел дека од 2013 до 2017 работел како советник за високо образование, наука и ИКТ во кабинетот на премиерот, пишува „360 степени“, повикувајќи се на биографијата што ја поднесе Ковачевски до Собранието.
Во тоj период премиер беше Никола Груевски кој е осуден, но за да не оди во затвор избега во Унгарија.
Од друга страна, лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во повеќе изјави во последно време зборува дека ВМРО-ДПМНЕ е нереформирана и останата во времињата на Никола Груевски.
Дури го споменува и во денешната реакција: „Оваа држава ќе биде без менталитетот на Груевски и неговите остатоци во белата палата која е поцрнета од криминалите“.
Кандидат за министер за здравство е Фатмир Меџити специјалист невролог од државната клиника. Тој бил член на управниот одбор на фондот за здравствено осигурување а има искуство и во министерски кабинет за здравство во 2017 кога бил советник на министерот, односно во краткиот период кога Таравари беше министер. Меџити е член и на Лекарската комора, македонско лекарско, невролошко друштво и на Европската академија за неврологија.
На местото на досегашниот министер за правда, Никола Тупанчески, кој е универзитетски професор, ќе дојде Кренар Логан како, досегашен член од ДИК.
Во својата биографија има наведено дека има долгогодишно искуство во областа на правото, имал работно искуство на повеќе раководни позиции како во државното правобранителство и Општина Струга, а 2007 до 2008 година е заменик директор на Финансиска полиција. За него опозицијата денеска објави дека е брат на осомничен за убиството на стружанецот Дилавер Бојку.
Од партијата веднаш демантираа и на ВМРО-ДПМНЕ им порачаа дека не го вперуваат прстот во нивните министри, затоа што се чисти како солза.
Предлогот за реконструкција на Владата, премиерот го достави до Собранието и за во понеделник е закажана седница.
Извор Фокус