Македонска нација ВМРО е идеологија, ВМРО беше и остана народно движење “Се колнеме во името на Бога, верата и честа, дека отсега ќе служиме колку што можеме за слобода на нашата татковина Македонија и Одринско; ќе ги слушаме наредбите на нашите главатари; нема никому да ги кажеме скришните народни работи. Ако не ги слушаме наредбите на нашите главатарии ако некому, свесно или несвесно, кажеме за она што сега го гледаме, што го слушаме и што го работиме да бидеме убиени од браќата со оружјето што сега го целиваме. Амин”
Изминаа 126 година откако основоположниците д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов ги поставија темелите на Македонската револуционерна организација која потоа ќе стане симбол на борбата за слобода на македонскиот народ. Државниот празник Денот на македонската револуционерна борба кој се слави по повод формирањето на Македонската револуционерна организација на 23 октомври 1893 година во Солун, македонскиот народ го празнува со посебен пиетет. Формирањето на ВМРО на крајот на XIX век значи почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, преку НОВ и АСНОМ, резултира со создавање на современа самостојна македонска држава. Пред 126 година шестмината учители, лекари, книжари го поведоа народот на Македонија по патот на револуционерната борба, по патот до слободата. На тој пат се приклучија стотици, илјадници следбеници, се родија нови апостоли на македонската револуционерна борба. Многумина од нив паднаа, оставајќи ги своите коски на секоја педа на со векови напатената македонска земја. Но, колку повеќе нивната крв ја напојуваше мајката земја, толку повеќе таа раѓаше нови македонски синови и ќерки кои уште посилно и пожестоко се бореа и одеа по зацртаниот пат за слобода на Македонија. Водени од длабоката љубов кон својата земја и кон сопствениот народ, македонските синови и ќерки се спротивставуваа на пропагандите и многубројниот непријател. Иако исправени пред бројни предизвици, тие непоколебиво газеа напред, свесни дека само со сопствени сили можат да дојдат до посакуваната слобода. Ни измачувањата, ни гладта, ни болеста, ни смртта, неможеше да го отргне македонскиот народ од патот кој еднаш веќе го исцрта Македонската револуционерна организација. Организацијата со тек на времето го менуваше името, но секогаш таа остануваше македонска и револуционерна. Сепак, четирите букви на ВМРО и девизата „Слобода или смрт“ беа длабоко врежани во свеста на македонскиот народ и беа главните ѕвезди водилки на македонските револуционери на патот до слободата. Со секој нов паднат борец тие сјаеа на небото уште посилно, посветло, се додека конечно не изгреа македонското сонце на слободата. Оттука, на 23 октомври го славиме Денот на македонската револуционерна борба. На овој долг пат до слободата, македонскиот народ во револуционерната борба го предводеа, храбри, чесни и образовани луѓе. Луѓе со добра мисла и чисто срце, луѓе кои сакаа да обезбедат иднина за сите Македонци, без разлика на верската или етничката припадност. Нивната доблест ги обединуваше македонскиот народ и други припадници на етничките заедници во заедничката борба за самостојност и за национална држава. За ова говорат документите во кои уште од самиот почеток се вели дека „Секој без разлика на пол, националност или лични уверувања може да стане член на организацијата“. Ваквиот став го наоѓаме во сите документи на македонската револуционерна борба, како во Крушевскиот манифест, така и во сите други манифести кои се појавени во текот на долготрајната револуционерна борба на македонскиот народ, од Илинден 1903, АСНОМ 1944 година и референдумот за самостојна Македонска држава на 8 септември 1991 година. Во текот на македонската револуционерна борба во Организацијата се случуваа раздори и поделби заради правецот по кој треба да се дојде до целта. Едни одеа лево, други десно, но секогаш заедничко им беше слободна и независна Македонија. Македонскиот непокор, не дозволуваше друга опција. Сепак овие разидувања беа една од причините за поделба на Македонија во Балканските војни во 1912/1913 година. Оваа поделба повторно ќе ги обедини политичките сили на Македонците од сите делови на Македонија во единствено македонско револуцинерно движење по Првата светска војна. Но тие сили ќе бидат недоволни повторно да се обедини Македонија во нејзините природни етнографски и географски граници. Состојбите во поделената и окупирана Македонија ќе има рефлексии и на ова обединување, но народот никогаш не го заборави ВМРО и стремежот за создавање на слободна, обединета и независна македонска држава. Овој стремеж дојде до израз во текот на Втората светска војна кога антифашистичката борба во најголем дел ги обедини македонските револуционерни сили. Така, по Илинден 1903, се случи АСНОМ 1944 година, кога на еден дел од Македонија и македонскиот народ, доби држава со ограничен суверенитет. Желбата за целосен суверенитет се исполни дури во 1991 година кога Македонија прогласи независност. Затоа, денес кога го чествуваме 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба, како и 126 години од формиеањто на ВМРО, се поклонуваме на делото на шестмината македонски револуционери кои ги поставија темелите на ВМРО, како и на сите потомци и следбеници на Делчев, Груев, Карев, Гули, Александров, Чучков, Брашнаров, Ченто и на сите знајни и незнајни херои кои својот живот го положија на олтарот на слободата за Македонија. ДА Е ВЕЧНА И ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА! |
Да живее денот на Револуционерната Борба за самостојна Македонија
ПОВРЗАНИ СТАТИИ