На 25-ти февруари минатата година во јавноста простури веста дека во село Врпско, Прилеп, е исчезнато десет-годишно дете. Стануваше збор за Петар Џобески од Прилеп, дете со попреченост, кое во периодот на исчезнувањето било со родителите во селото каде тие чувале пчели.
Следуваа масовни потраги по малото момче, а лошите временски услови им отежнуваа на ангажираните служби. Активно се трагаше неколку недели, а потоа случајот како да почна да паѓа во заборав. Од Петар немаше никаков траг, а родителите кои се семејство од социјален ризик немаа доволно моќ, ниту пак знаење да го кренат гласот и јавно да бараат одговори.
На некој начин, како да се повлекоа, и останаа да ја живеат својата агонија подалеку од јавноста.
За тоа дека секојдневно се будат и заспиваат со прашањето каде е нивното дете, мајката на Петар, Соња, во повеќе наврати раскажуваше за ,,Фокус”.
-Сите солзи ги исплакавме, но имаме и други деца за кои мораме да се грижиме. Тие одат на училиште, го живееме животот од ден за ден, мораме да продолжиме, но ни остана овој товар, овие неодговорени прашања за нашето дете, каде е, што му се случи? Како може да не се најде, ако беше изгубен? Првин верував дека можеби се скрил во некоја грмушка, дека заспал, но како поминуваше времето, јас се повеќе започнав да верувам дека детето ни е земено од некого, дека Петар е киднапиран – низ солзи раскажуваше таа за ,,Фокус” во повеќе интервуја во текот на цела година, откако и исчезна синот.
И таткото на Петар, Стојо, во последниот разговор за ,,Фокус” од пред неколку месеци ни изјави дека верува како Петар е киднапиран. Појаснуваше дека е уверен како неговиот син е одведен некаде, затоа што мало дете среде зима, во периодот кога исчезна не би можело да изоди далеку во лошите временски услови, а на почеток потрагите по него беа масовни со ангажирани стручни служби и многу луѓе.
-Првите неколку недели по исчезнувањето на Петар, бевме во контакт со надлежните, но потоа престанаа да ми се јавуваат. Ни преостанува само да чекаме, немаме никаков глас дали има нешто ново во истрагата, никакви новости немаме. Постојано мислам дека детето ми е киднапирано, како инаку досега не се пронајде? – вели Стојо.
Петар не е единственото дете од околината кое исчезна беа трага. Јавноста се сеќава и на случајот со Ангела Ѓорѓиоска од мариовско Дуње која исчезна на 23-ти јули 2009 година, на шест-годишна возраст. Остатоци од телото на девојчето беа пронајдени по шест месеци, кај селото Пештани во Мариово.
Сепак, остана енигма со што се случило со Ангела, бидејќи докторите од судска медицина не можеа да прецизираат кога и како настанала смртта на малото девојче од мариовско Дуње, затоа што нејзиното тело по смртта било било растргнато од животни.
Семејството Ѓорѓиоски, кое е од социјален ризик, одбиваше да прифати дека се работи за нивното дете и не сакаше да ги погреба остатоците за кои со ДНК анализа се утврди дека и припаѓаат на Ангела.
Сличен настан ја потресе јавноста и во ноември 2013 година, кога 14-годишната Маја Блажеска од Лешани заминала од дома, наводно за да се сретне со момче кое го запознала преку Фејсбук, а семејството и полицијата трагаше по неа.
Телото на девојчето беше пронајдено на Илинска планина во јануари, наредната година, а според МВР обдукцијата покажала дека на нејзиното тело немало траги на насилство. Изложеноста на екстремно ниските температури во планинскиот предел на 1.500 метри надморска висина, кај ,,Натнасер бачила” , биле причина срцето на девојчето да престане да чука.
И фамилијата на Маја беше од социјален ризик, а по настанот родителите во неколку наврати јавно бараа одговори и прашуваа кој ја одвел нивната ќерка на планината, на која самата не би можела да се искачи, и ја оставил таму да умре.
Одговори на прашањата до денес нема, иако беше најавена дополнителна истрага која требаше да покаже како Маја се нашла на планината.
Извор: Фокус