3.9 C
Ohrid
сабота, ноември 23, 2024
ПочетнаМакедонијаХирургот Јовица Угриновски – еден од МАСОНИТЕ во Македонија

Хирургот Јовица Угриновски – еден од МАСОНИТЕ во Македонија

,,Живеј го денешниот ден, вчерашниот е неповратен, утрешниот е неизвесен … Качувај се кон врвот, но гледај никогаш да не го достигнеш! После Врвот има само една насока – надолу! Сублиматот е … уживај во тоа што во моментот го имаш и не пати по тоа што го немаш. Оти не е силен оној кој има многу, туку оној кој може без многу“, го раскажа своето мото или можеби мотото на МАСОНИТЕ, Јовица Угриновски, Голем Мајстор на Големата Ложа на Македонија (ГЛМ), пред 4 години за магазинот ,,Капитал“.

Деновиве Балканот се занимава со тоа кој се’ е припадник на Масонската ложа. Оваа секогаш интригантна тема, повторно се најде на медиумската маса, откако главниот државен обвинител на Хрватска, Дражен Јелениќ, поднесе оставка по откривањето дека е член на оваа тајна и мистериозна организација.

И Македонија има свои масони. Еден од нив е познатиот хирург, Јовица Угриновски.

Во интервјуто за ,,Капитал“ дадено на 8 јануари 2016 година, тогашниот новинар Љупчо Зиков, (сега финансиски директор во МЕПСО), возбудено раскажува за средбата со масонот, Јовица Угриновски.

Еве што вели Угриновски, на прашањето како станал масон:

,,Долга приказна. Еден ден, пред дваесетина години, еден мој пријател и колега ме повика да пиеме кафе. Без многу заобиколување ме праша што знам за масонеријата. Какво е моето лично мислење за неа.

Морам да кажам дека како и сите обични луѓе од профаниот свет, така и јас, за масонеријата имав многу оскудно знаење добиено од прочитани две-три книги со журналистичко – авантуристичка содржина. Не знаев ништо за суштината и содржината на масонеријата. Знаев дека е некакво ,,тајно – мистично“ здружение на луѓе кои го ,,тресат и раководат светот“. Мојот пријател и колега се насмеа и ми одговори со прашање: Дали јас ти изгледам како некој што го ,,тресе“ светот? Ова исто прашање и јас постојано им го поставувам на тие кои имаат исто мислење за масонеријата, како што и јас го имав пред да станам масон. Ова исто прашање го поставувам и сега на вашите читатели: Дали јас изгледам како некој што го ,,тресе и раководи светот“?

Но, да ја продолжиме приказната понатаму. Мојот пријател и колега во детали ми објасни што е суштината на Слободното ѕидарство, дека е тоа ,,братство на зрели мажи на добар глас! Луѓе со слободни мисли! Луѓе кои веруваат и тежнеат кон вистината! И луѓе кои ја негуваат братската љубов! Веднаш потоа, ме праша дали би сакал да се придружам на таква група луѓе. Секако, веднаш прифатив и така станав деветтиот или десеттиот ,,припадник“ на таа група. Подоцна,бројот постепено се зголемуваше достигнувајќи ја за релативно брзо време бројката од 23 ,,слободни луѓе на добар глас“.(во Македонија, оваа бројка се однесува на периодот до 2016 г. кога е правено ова интервју н.з.)

Тоа што мене лично ми направи голем впечаток во тој период беше сериозноста и искреноста со која ги предлагавме и избиравме идните членови. Во ниеден момент не се размислуваше, ниту разговараше за социјалниот или економски статус на идниот кандидат, ниту неговата политичка или религиозна ориентација. Единствена водилка беше добар човек на добар глас.

Уште од првите состаноци на групата слободни луѓе, од кои некого познавав од порано, а некои ми беа потполно непознати, сфатив дека моето место е тука. Никогаш порано, во таква шаренолика и хетерогена по возраст, по професија, по политичка ориентација, по социјален статус, група луѓе не сум почувствувал таков флуид, таква верба, и таква меѓусебна искреност. Постоеше некаква мистична кохезија која не држеше заедно и не охрабруваше да продолжиме понатаму кон реализација на нашата крајна цел.

Која беше крајната врховна цел?
Нашата крајна цел беше да формираме суверена Голема Ложа на Македонија.

Како се случи Македонија да добие суверена Голема Ложа?
Целата приказна во детали ја има одлично објаснето Претходниот Голем Мајстор на Големата Ложа на Македонија, Братот Живко Груевски, во неговото интервју токму за вашиот магазин во 2012 година.

Сепак, некои случувања треба да се повторат.

После многу време, труд, напор и упорност,1998 година, Обединетата Голема Ложа на Англија (ОГЛА) прифати како проект, овие 23 Браќа да бидат иницирани во Слободното ѕидарство симултано во 12 регуларни англиски ложи. Во ист ден, во различни простории во Freemasons Hall во Лондон. Вакво нешто беше преседан во историјата на ОГЛА (Обединетата Голема Ложа на Англија).

Цели две години работевме под будното око на високи офицери од ОГЛА, за да конечно добиеме дозвола да ја консекрираме првата Ложа во Скопје. И тоа се случи на 2 октомври 2000 година кога цел тим на високи офицери од ОГЛА ја извршија консекрацијата! На совршен начин.

За мене тоа беше најубав роденденски подарок.

Во наредниот период формиравме уште две ложи! Со тоа го стекнавме формалното право да формираме Голема Ложа. На 30 септември 2005 година, единаесет високи консекрациски офицери од ОГЛА, предводени од маркизот од Northampton, Pro Grand Master of the United Grand Lodge of England ”донесоа светло” и конечно беше консекрирана Големата Ложа на Македонија. Ова е голем историски момент не само за македонската масонерија, туку и за целата држава. За прв пат во историјата беше консекрирана суверена, национална Голема Ложа на Македонија која работи на македонски јазик и се базира на сопствената конституција. За нас беше многу важно што ложата беше формирана под уставното име на државата, Република Македонија“-раскажува за Капитал Угриновски.

Тој е инаку Голем мајстор на Масонската ложа во Македонија:

,,Што претставува Голем Мајстор на Големата Ложа? Која е неговата улога? Која е Вашата улога?
Правата и обврските на Големиот Мајстор се строго зацртани во Конституцијата. Моја основна обврска е токму тоа – да се грижам сите Ложи и сите браќа стриктно да се придржуваат до основните начела на масонеријата зацртани во Конституцијата. Треба да се сфати само едно: Големиот Мајстор е само прв меѓу еднаквите. Но, бидејќи масонеријата е хиерархиска организација, тоа значи дека ми е дадено правото да ја водам Големата Ложа, да учествувам во работата на другите Ложи кои инаку се суверени, да ја контролирам и насочувам нивната работа, заедно со другите Тела на Големата Ложа да учествувам во подготвување на стратегија и уште многу други обврски.

Една од обврските, што во исто време е и голема чест и задоволство, е да ја претставувам Големата Ложа на Македонија пред другите Големи Ложи и на меѓународни масонски состаноци и конференции.

Исто така, сакам да истакнам дека Изборот за Голем Мајстор на Голема Ложа е највисоката чест што браќата можат да му ја дадат на еден нивни член. Поради тоа, ова за мене е посебна чест и задоволство, особено што сум Голем Мајстор на една Голема Ложа која ужива голем меѓународен респект и Ложа која што за толку кратко време направила толку многу убави нешта“-објаснува Угриновски.

За кусо време и во Македонија е направен храм на масонската ложа.

Дали масонеријата е своевидна религија?
,,Апсолутно, не! Слободното Ѕидарство ниту е религија, ниту е сурогат на било каква религија. Масоните веруваат во едно Вишо суштество – Големиот Архитект на Универзумот, при што не предлагаат, ниту проповедаат сопствена верска доктрина. Во текот на работата на Ложата, забрането е да се дискутира за религија. Меѓутоа, Слободното Ѕидарство ја почитува религијата и е отворено за лица од сите вероисповеди, при што не се обидува да ги обедини различните религии, туку ги обединува масоните – припадници на различни религии. Моралните вредности кои ги проповеда Слободното Ѕидарство, се прифатени од сите религии“-вели во интервју пред 4 години за магазинот ,,Капитал“, Јовица Угриновски, Голем Мајстор на Големата Ложа на Македонија (ГЛМ).

(Делови од интервјуто со Големиот мајстор на масонската ложа во Македонија, Јовица Угриновски, се преземени од магазинот „Капитал“)

Извор и фото: kapital.mk

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новата заменик-генерална секретарка на НАТО

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО. За обете важната функција...

ЈСП доби нафта, скопјани заборавија дека има протест

Со транспарент во дворот на Град Скопје на кој пишува „500 милиони денари се должат на ЈСП од влада за бесплатен студентски превоз” со...

При ископини пронајдени темели од црква: Јени џамија во Битола ќе претставува Музеј на христијанската и муслиманската култура.

По долги години ископувања и реставрација, повторно e отворена за посетители Јени џамија во центарот на Битола која ќе претставува Музеј на христијанската и...

Приведени пет лица во Тетово – Одземени 450 грама марихуана

Во Тетово на 19.11.2024 околу 18 часот на улица „Ван Вардарска“ полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Н.С.(23), Л.Р.(23), М.З.(18), С.И.(27)...