Законот за употреба на јазиците, правата на Албанците и на помалку бројните заедници апсолутно остануваат исти и тоа никако не се менува во зависност од севкупната бројка на попишани, во зависност од резиденти или нерезиденти и тука сме на чисто, изјави денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата, одговарајќи на новинарско прашање кои податоци кои произлегуваат од пописот ќе се користат како основа за креирање на државните економски и социјални политики, конкретно кога станува збор за правична етничка застапеност и користењето на јазиците.
Истакна оти пописот нема да доведе до ретроградни процеси. Уставот, вели, е јасен, законите се јасни и продолжуваат да важат и тука треба да бидеме сите спокојни.
Основно, како што рече Заев, е да знаеме вкупно колку државјани имаме и граѓани, колку се надвор и колку се тука во државата, а врз основа на тие параметри ќе се димензионираат сите економски, социјални, културолошки и други ресурсни политики, како политики на развој и раст.
Во делот на економските и социјалните политики, тоа што ќе се промени е во делот ако се испразнило некое село и не живеат повеќе луѓе во селото, тие пари ќе се пренасочат да можат да бидат за развој на друго село или на градот. Секако се однесува на резидентните во делот на економските политики, но секојпат корективот што треба да го знаеме – нашата дијаспора може буквално утре да се врати дома, односно кога сакаат. Тоа се наши граѓани, наши државјани, имаат наши македонски пасоши и лични пасоши и секако живеат една година или повеќе надвор од државата, но тоа не значи дека гарантирано трајно дека ќе останат во државата, може теоретски утре да се вратат, посочи Заев.
Според него, тоа е променлива категорија.
Знаете дека за време на првиот и вториот бран на пандемијата голем број на граѓани се вратија и се уште се тука, останаа. Се надевам и дека ќе останат трајно да го димензионираат својот живот, додаде Заев.