Почитувани новинари, верници и сограѓани!
Бидејќи денеска во некои медиуми се појавија написи на одредени слабо информирани и недоволно свесни групации и поединци со обвинувања кон Бигорската Света Обител дека, наводно, не ги почитувала препораките на властите во врска за заштитата од короноварирусот, се најдовме повикани да им одговориме на овие злонамерни или несвесни клевети. Пред сè, нашата монашка заедница од четирите манастири: Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино, ја сочинуваат над педесет монаси, монахињи, искушеници, искушенички, и верници волонтери кои се дел од едното семејство во Господа. Исто така, нашите манастири, кои се занимаваат со социјална мисија и општествена хуманитарна дејност, згрижуваат над шеесет души од социјално ранливи категории, кои го делат манастирското секојдневие заедно со монасите и монахињите. Дополнително, во нашите манастири, со години, константно престојуваат околу петнаесетина градежни работници, кои, исто така, се дел од нашите заедници. Во врска со спречувањето на пандемијата на коронавирусот, ги потсетуваме овие очигледно недоволно информирани кругови, дека нашите манастири меѓу првите институции во државата излегоа со став дека полезно и потребно е да се почитуваат одредбите и препораките од здравствените институции и државните власти и докрај останаа доследни на овие препораки. Така, на пример, манастирот во Рајчица беше ставен во карантин триесет дена од страна на државните власти, а посетите во Бигорски, Пречиста и Кнежино беа значително редуцирани. Следствено, бројот на луѓето што присуствуваа на богослужбите во изминативе денови, вклучително и на синоќешното Воскресенско бдение, го содржат монасите, монахињите и верниците волонтери од нашите четири манстири, штитениците што се лекуваат во нив, градежните и други работници, верниците што се затекнаа во нив кога беа донесени мерките од државата, како и членовите од екипата „2С Студио“, кои како наши долгогодишни соработници, и оваа година, со дозвола од државните власти, присуствуваа во Бигорски со цел да помогнат при вршењето на директниот пренос. Како заклучок, со полна граѓанска одговорност тврдиме дека во ниеден случај не беа прекршени препораките и мерките од државните и здравствените власти за време на богослужбите во Светиот Бигорски Манастир. Згора на тоа, доколку некој и би се одлучил да дојде на вечерашната прослава на Воскресението Христово, во никој случај не би имал можност да го направи тоа, со оглед на засилените полициски контроли по патиштата, а и самото полициско присуство пред влезот на манастирот. Ги покануваме сите што се сомневаат во ова, да ги посетат нашите манастири надвор од полицискиот час и да ја запознаат социјалната мисија што ја вршат нашите манастири и да видат дека тие се прибежиште на многумина кои се отфрлени од семејствата и општеството, но и на оние кои својот духовен мир го наоѓаат тука и подолг период престојуваат во нашите светилишта.
На крај, ве поздравуваме со најрадосниот поздрав: Христос Воскресе! Братството на Свештената Бигорска Обител