Велимир Смилевски, градоначалникот на Бутел, објави дека е раскинат договорот за работа со вработениот во локалната самоуправа кој на социјалните мрежи упати пцовки на ардеса на етничките Албанци.
„Во однос на вчерашниот немил случај со вработениот во Општина Бутел, Ве информирам дека од денеска неговиот работен ангажман кој беше регулиран со договор е прекинат и истиот не е повеќе вработен во општина Бутел.
Истовремено сакам да Ве информирам дека со неговото размислување, за жал во прашање е ставено и нашето пријателство.
Уште еднаш повторувам, неговите ставови не се мои ставови. Поголемиот дел од Вас знаете каков човек сум и дека никогаш дури ни во сон не би можел да помислам ниту да изговорам такви зборови на омраза. Едноставно тоа не содејствува со мојот карактер, и верувам дека Вие тоа добро го знаете.
Апелирам до сите граѓани, до СИТЕ ВАС, размислувајте трезвено. Да не дозволиме вакви изолирани случаи да ни го нарушат соживотот и пријателството. На некој тоа му одговара и го прави со цел на штета на сите нас“, објави Смилевски.
Вчера жители од Бутел се собраа на протест поради јавните навреди кои вклучуваат и говор на омраза од страна на вработен во општината. Жител на Бутел пред камерата на ТВ21 побара градоначалникот Велимир Смилевски да го казни вработениот и да му врачи отказ. Тој додаде дека на вработениот не му било прв пат да ги навредува Албанците.
Извесниот Мане Манојловски во коментар упати пцовки на адреса на албанската етничка заедница во врска со барањето на ДУИ да биде поставен Албанец за премиер на Македонија, а расправата започна откако локални жители побараа услуга од него и започнаа први да го навредуваат лично затоа што не можел да ја заврши.
Пишува:Фактор