Диме Трајановски, иако долго време живее надвор од Македонија, за време на пандемијата се врати во своето родно Делчево и постојано се препушта на интересни авантури со велосипед. Работи во сферата на IT, а покрај возење на велосипед се занимава и со сликање на платно и играње шах.
Пред повеќе од 10 години кога за првпат започнал да се занимава поактивно со велосипедизам, возбудата од возењето и налетот на адреналин не било единственото нешто што го привлекувало.
Медитативниот елемент во целата ситуација и желбата да стигне од точка А до точка Б го натерале уште повеќе да го засака возењето велосипед.
Соло патување со велосипед на подолги релации е еден од неговите омилени начини на релаксација, каде покрај посетата на туристички атракции им дава можност да се истражат нови места кои пленат со убавина, како и да запознае нови луѓе, други култури и поинаков начин на гледање на работите.
Димe има и свој Инстаграм профил каде ги споделува авантурите, а за Црно – Бело открива:
„Досега ги имам обиколено повеќето балкански држави со велосипед, а тоа се Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора и делови од Хрватска и Босна.
Знаете како, патувањето каде било е една прекрасна можност за да го видите светот и да го направите малку помал од тоа што впрочем е. Покрај тоа, навистина ви го отвора умот и на еден или друг начин ги поврзува луѓето.
Да бидам малку попрецизен за ова патување. Турција е мост помеѓу Европа и Азија, како географски така и културно.
Претходно го имам посетено Истанбул неколкупати и навистина ми се допадна токму поради тој микс.
Можеби инспирацијата за ова патување со велосипед, ми се јави поради желбата да ја истражам оваа земја уште повеќе и да ја запознаам поблиску на еден поинаков начин“, раскажува Диме.