ПЕТКОВ, НЕ ЛЕТАЈ ВО АВИОНОТ ВО КОЈ „ПИЛОТ“ Е РАДЕВ!-Отворено писмо до премиерот на Бугарија, Кирил Петков

Пишува м-р Слободан ТОМИЌ

Никогаш не сум имал предрасуди, ниту стереотипи кон ниту еден наш комшија. Едноставно ме води познатата: Комшијата е поблизок и од братот роден! Се разбира, секој сака да живее во мир и хармонија со своите комшии.

Почитуван  Кирил, носите име на словенски просветител, кој на светот му донесе писменос и просветлување на духот и умот. Сте дипломирале во Британска Колумбија во Ванкувер, магистер сте по бизнис администарција на Универзитетот Харвард. Еден сте од основачите на Центарот за економски стратегии и конкурентност во Софија!

Велите дека вашето доаѓање е по повод 30 години од признавањето на Македонија од страна на упокоениот претседател Жељу Желев, кој преставуваше икона за сите политичари на Бугарија во зиминатите децении.

Вреди да се потсетите на прекрасните пораки на бугарскиот пацифист и пријател на Македонија Жељу Желев. Тој треба да биде патоказ за македонско-бугарските односи, а не таканаречениот патоказ “5 плус 1“. Ако не Вие, а министер Бујар Османи секогаш го спомнува овој патоказ „5 плус 1“ неинформирајќи ја јавноста што тоа значи и каде тоа води?! А, народот треба да знае и да биде запознаен за се.

Собранието на Македонија, со задоцнување, донесе Резулуција за македонските национални вредности. Оваа резолуција треба секој да ја има на ум и пред своите очи. За националните интереси ниту една политичка партија, ниту еден политичар нема право да ги распродава македонската самобитност, идентитет, јазик, историја или национално благо. Тоа е светото на еден народ, на една држава!

Господине Петков, се надеваме нема да скршнете од патот на вистината и суштината на македонските национални вредности и блага.

„Вистински политичар треба цврсто да стои на земја и со јазикот на политичката реалност да ги решава проблемите,“ – рече вашиот поранешен претседател Жељу Желев.

Неизоставни се бугарските политичари кои велат: Македонија е бугарска, Македонците се Бугари! Ако цел свет не’ признава и прифаќа како Македонци, затоа што самите сме и се декларираме пред сите за Македонци кои зборуваат на својот мајчин Македонски јазик, во Македонија кодифициран во 1944 година а во светот од 1977 година, со кое право ни’ негирате право на самоопределување и самоидентификација, кога тоа Македонија Вам не ви го прави?!

Почитуван Петков, народната вели „по утото се познава денот“! Вашата изјава во бугарскиот парламент, дека бугарско-македонските односи се во ќор сокак, се резултат на неспособноста и пренагласената национал-шовинистичка реторика на бугарските политичари Борисов, Захариева, Каракачанов, па и “рускиот пилот“ Радев. Се очекува да не скршнете од патот на бугарскиот претседател Жељу Жечев, одликуван од поранешниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов  со Орден „8 Септември“, како највисоко државно одликување на Македонија за  исклучителни заслуги за признавањето на независна и суверена држава Македонија од страна на Република Бугарија.

Затоа, препораката, господине Петков: „Не летајте со авионот, во кој пилот е Радев!“

Невозможно е Македонија да прифати „македонските Бугари да влезат во Уставот на Македонија“, без притоа Бугарија да ги признае Македонците во Бугарија и тие да станат дел од Уставот на Бугарија!

Заслужува почит изјавата на поранешниот претседател Жељу Желев: “Македонија не е најромантичен дел од историјата на Бугарија според изјавата на поранешниот претседател Стојанов. Македонија е најтрагичниот дел од историјата на Балканот, затоа што во долг историски период беше јаболко на раздорот меѓу балаканските држави. Каква романтика има во таква историја? Резервиран е ставот и кон поранешниот претседател Прванов. Добро е да се продолжи со политиката која Бугарија цело време ја градеше: Да се брани уставното име на Македонија и таа да биде дел од евро-атлантските сојузи!“

Познавајќи ја кариерата на бугарскиот претседател Радев како добар пилот и нуркач, препораката до него: Претседателе, нурнете подлабоко во македонската археолошка географија! Таа не е плитка! Само 25 метри под земја ќе ја видите и научите историјата на Македонскиот народ и Македонија!

Нам ни треба нов македонско-бугарски Договор за траен мир и добрососедство, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи: взаемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи!

Почитуван Петков, чуму ни е Европската Унија без Македонија и Македонците?! Дали во 21 век антимакедонизмот треба и натаму да претставува бугарски закон на однесување, како што е антимакедонското на Атина?!

Македонија е крстосницата меѓу Исток-Запад Север-Југ на Балканот, и Југо-Источна Европа! Затоа, не ставајте сопки за реализација.

Во 1995 година, во Њујорк, на Генералното собрание на Обединетите Нации, шефовите на земјите од регионот договорија изградба на европски коридори низ нивните земји и со тие проекти, регионот настапи пред Европската Унија. За жал, отпорот дојде од „пријателска“ Грција. Ете, тие се берлинските ѕидови на Балканот.

Каква е таа Европа кога толерира вакви ирационални историски изнудени барања кон држава каква што е Македонија и која е создадена со сопствена историја и пролеана крв за нејзино национално ослободување?

Каква е таа Европска Унија, и дали треба  најде решение за овој проблем и да се отовори патот на Македонија да стане член на ЕУ?

Разумно е сите земји од регионот да бидат членки на Европската Унија, затоа што има многу отворени прашања што го обременуваат регионот. Тензиите и проблемите на Балканот не ќе може да се смират се‘ додека регионот не биде целосно интегриран во евро-аталантските сојузи. Има прагматични политики во кои се вбројува и изградбата на модерна инфрастурктура, како што е коридорот осум Тирана-Скопје-Софија-Истанбул.

Крајно, господине Петков, ако навистина имате европски дух и култура на однесување и разбирање, тогаш ќе ја кренеш “наметнатата“ рампа и ќе овозможиш заслужено Македонија да го продолжи патувањето кон Европската Унија и тоа на најбрзата експрес лента. Шуман и Моне би ви дале орден за заслуга, оти се придржувате на нивните принципи: Европа без граници и омаловажувања! Поддршка ќе ви дадат многу европски држави за таквиот гест на bone fide, или добра волја! Македонија тоа го заслужи пред сите земји во регионот и Балканот, со жртвите кои ги направи за Европската Унија. Вие го акцентирате економскиот развој и соработка меѓу  Македонија и Бугарија. И не ви требат работни комисии и период од 6 месеци. Со тоа се добива впечаток дека, не постои желба за отварање на портите на Македонија за влез во Европската Унија, напротив и’ се затвораат. За потсетување, Бугарија и Романија без никакви условувања и блокади, немаа ембарга. Романија и ден денес има нерешени прашања со соседите, Бугарија исто така. Затоа, господине Петков, наместо “берлински ѕидови“ градете мостови, железници и авио коридори кон Македонија, градете економски просперитет за двете земји и двата народи заедно, и за Бугарија и за Македонија!

Да веруваме дека зад македонскиот анимозитет на Румен Радев не стои тој лично, колку тврдите јастреби и во ЕУ и “силните центри на, моќ” , за кои политиката е “раздели па владеј“, нас не есапејќи не’, бидејќи сме сиромашни и без ресурси. Впрочем, затоа сме монета за поткусурување, но и за раскусурување во глобалната поделба на големите сили на интересни сфери на влијание во светот!

Останете со здравје и уште еднаш пораката од Македонскиот народ: ГОСПОДИНЕ ПЕТКОВ, НЕ ЛЕТАЈTE ВО АВИОНОТ ВО КОЈ „ПИЛОТ“ Е РАДЕВ! Летот на Радев е лет во место, затоа што е скандалозно неприфатливо: Бугарија да го определува името, јазикот, културата и историјата на Македонскиот народ, носител на државноста на соседната држава Македонија!

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here