Новинарката Вики Клинчарова даде свој став за изборните резултати на овие локални избори.
-Ако ги слушавте пораките од слободоумните граѓани, а не од партиските профитери кои ве чукаа по рамо и цело време врескаа – Победуваме, поинакви ќе ви беа резултатите вчера. Не може да очекувате од народ кој секојдневно сведочи на неизживеаност и ароганција на локални функционерчиња, да ја гледа големата слика и визија на премиерот Заев за европска Македонија, вели таа во својот фејсбук статус.
-Кога секојдневно се соочуваш со бизарни проблеми како што се рестрикции на вода, никаква инфраструктура, кога асфалтирање на улица ти се прикажува како најголемо достигнување, кога молиш за безбедност во сообраќај, кога гледаш како новопечени функционери пикаат на државна работа до трето колено без срам и перде, додека мали приватни бизниси се борат со расклиман систем, што да очекуваш од тој народ? Првата слика која ја гледаш секој ден е таа во сопствениот двор, а не глобалната замисла за напредна држава која се пропагира на централно ниво. Од дома ти почнува се, таму првин требаше ред да стават тие, кои овој народ ги избра и ги плаќаше со свои пари да го сработат ветеното, дополнува Клинчарова..
Сите знаеме по колку години и со какви маки СДСМ дојде на власт. За гласовите кои вчера ги собра ВМРО, не е заслужна некаква си нивна, фантастична програма. Најзаслужни се токму тие, неизживеаните функционери на СДСМ, за кои на народот му се смачи да ја чека метлата, па ја зеде во свои раце.