15.5 C
Ohrid
вторник, октомври 15, 2024
ПочетнаИсторијаНА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Влахи во Пиринска Македонија е роден Пиринскиот цар...

НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Влахи во Пиринска Македонија е роден Пиринскиот цар Јане Сандански

ОМО Илинден Пирин

Македонскиот народ, и со истенчено чувство да се ориентира во политичките прашања, запишал рускиот писател и публицист Василиј Водовозов за македонскиот револуционер Јане Сандански.

Пиринскиот цар, како што бил нарекуван Јане Сандански, еден од најголемите македонски синови, е роден на денешен ден 31 мај 1872 година во мелничкото село Влахи во Пиринска Македонија. Лозата му е револуционерна.

Татко му Иван Сандански бил знаменосец на чета во Кресненското (Македонското) востание од 1878 година, кога Јане имал само 6 години, а во Влахи бил и главниот штаб на востанието. Бидејќи по востанието селото било опожарено од Турците, семејството на Сандански се сели во Дупница во Бугарија.

 

Благодарение на руската помош во 1878 година Бугарија била ослободена од Турците и се формирала во млада држава, односно кнежество. Затоа подоцна многу македонски револуционери, војувајќи против Турците, времено се засолнувале на бугарска територија.

Во 1897 година во Дупница, Сандански станува член на друштвото Младост, потоа и негов претседател, а целта како што ќе нагласи Сандански била „самообразование и групирање“. Уште како гимназијалец Сандански читал револуционерна литература, а негов најголем интерес биле историјата и општеството.

Влегување во ВМРО

Во 1899 година Јане првпат се сретнал со Никола Малешевски и со Гоце Делчев, а набргу потоа и со Ѓорче Петров. Тие детално го запознавале со програмата и идеологијата на ВМРО, која набргу ќе стане светост за Сандански.

Како што подоцна и сам ќе каже: „Во тоа време веќе работите во Македонија ми беа прилично ујаснети, многу работи узнав од Малешевски, а од друга страна и од Делчев, со кого за првпат се сретнав во 1899 година. Делчев убаво ми ги објасни целите на внатрешната организација…“

Во 1901 година Сандански ја започнува својата борба за слобода на Македонија. Македонските чети во тој период имале голем проблем со оружје и муниција.

Размислувајќи како да го реши проблемот, Сандански најпрво предложил тој со своите комити да го киднапира бугарскиот кнез Фердинанд (тогашниот владетел на Бугарија, кој подоцна станал и цар на Бугарија) кога овој требало да дојде во посета на Рилскиот манастир.

Но Гоце Делчев веднаш се изјаснил против таа идеја, која му се видела опасна, затоа што Македонците освен турската, против себе ќе ја имале и целата бугарска војска, доколку го киднапираат владетелот на Бугарија.

Затоа Сандански и неговите приврзаници решиле да го киднапираат Турчинот Сулејман бег од Горна Џумаја (денешен Благоевград) и да бараат од Турците откуп за него. Но, и оваа акција била откажана заради болест на бегот.

Наредната опција на Јане била да го киднапира протестантскиот мисионер во Солун д-р Хаус. Но, Хаус го одложува своето патување, и наместо него ја праќа американската мисионерка Елен Стон, која во Банско (Пиринска Македонија) станува непланиран заробеник на ВМРО.

Сандански со своите комити успева 6 месеци успешно да ги крие киднапираната Стон и нејзината придружничка Катерина Цилка, и на крај да земе откуп за нив од 14.500 турски лири, со кои било купено оружје за организацијата.

Расколот и врховистите

Во тој период почнуваат и обидите на Бугарија да ја стави под своја контрола Македонската револуционерна организација. За жал, на страната на Бугарите подоцна застанува и еден Македонец – Борис Сарафов (роден во с. Либјахово, Пиринска Македонија), човек кој секогаш се декларирал како Македонец.

Сарафов од 1899 до 1901 година бил на чело на ВМК (Врховниот македонски комитет) во Софија, кој бил формиран од Македонци кои биле офицери во бугарската армија, и кој имал за задача да му помага на ВМРО во Македонија снабдувајќи го со оружје, муниција, инструктори…

На почетокот ВМК бил на македонски позиции и со промакедонски ставови. Сарафов во тој период многу добро соработувал со Гоце Делчев.

По апсењето на Сарафов во 1901-ва (затоа што наводно нарачал убиство на романски новинар кој пишувал против ВМРО), бугарскиот двор го искористува тој момент, и на чело на ВМК во Софија доаѓа бугарскиот генерал Иван Цончев, кој пак набргу влегува во конфликт со Гоце Делчев и Ѓорче Петров затоа што сакал да ја стави ВМРО под бугарска контрола.

 

По излегувањето од затвор, Сарафов се договара со Делчев и Петров да замине во Европа и од таму да обезбедува и да праќа пари за Организацијата. Сарафов бил харизматичен и привлечен човек. Покрај тоа стапувал во контакт и со луѓе кои се финансиски моќни и запознавајќи ги со македонското револуционерно дело, праќал пари за Организацијата.

Бугарите Цончев и Иван Гарванов веќе на големо почнале да ја спроведуваат агендата на бугарскиот двор, и почнале да заговараат кревање на востание во Македонија, велејќи дека штом Македонците ќе се кренат, на помош ќе дојде Бугарија.

За и против востанието

Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Владислав Ковачев и другите Македонци биле категорично против мешањето на Бугарија и против востание, затоа што сметале дека организацијата нема доволно оружје и народот не е подготвен за востание. И тогаш Сарафов наместо да ги поддржи Делчев и Сандански, застанува на страната на Бугарите Гарванов и Цончев. Двете страни започнуваат агитација на теренот, а набргу потоа и војуваат со свои чети меѓу себе. Врховистите започнуваат да уфрлаат чети од Бугарија во Македонија со цел да испровоцираат предвремено востание.

Тоа добро е опишано во претсмртното писмо на Христо Узунов од 1905-та година при саможртвата кај демирхисраското село Цер. Узунов остава писмо кое останува завет за оние кои ќе ја продолжат борбата. Во писмото меѓу другото ќе напише: „…Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото, зашто само искреноста и често срдечноста ја издигнале внатрешната организација, и пак тие ќе ја спасат од аномалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари. Да гледате колку што е можно побрзо да ги уништите оние раководни сили во организацијата кои му нанесле само штета на делото…“

 

По убиството на Гоце Делчев во Баница 1903-та, во наредните три години, до 1906-та, загинуваат скоро сите истакнати војводи на ВМРО (Питу Гули, Никола Карев, Јордан Пиперката, Методија Патчев, Христо Узунов, Ѓорѓи Сугарев, Даме Груев, Славејко Арсов, Сава Михајлов, Леонид Јанков, Александар Турунџе, Лазар Поп Трајков…). ВМРО е десеткувана и обезглавена.

Јане Сандански останува последна брана пред наездата на бугарската пропаганда и влезот на врховистичките чети во Македонија. Неговите привразници (Санданистите) од Серскиот револуционерен округ на чие чело бил тој, воделе постојани борби со врховистичките чети кои биле уфрлaни од Бугарија, а биле предводени од врховистички војводи.

На почетокот на април 1905, бугарскиот капетан Јурдан Стојанов влегува со чета од Бугарија во Пиринска Македонија. Намерата како што изјавувал му била: „Или главата на Сандански, или мојата глава ќе падне“.

Кај селото Кашина – Мелничко, четата на Сандански ја разбила бугарската чета на Стојанов, 7 бугарски четници биле убиени, 43 заробени, а капетан Стојанов бил ранет и едвај успеал да побегне назад во Бугарија.

Бугарска хистерија против Сандански

По овој настан во Софија се кренала невидена хистерија и хајка против Сандански. Бугарските весници со сите сили се труделе да го оцрнат „борецот за македонската независност“.

Но, Сандански за Македонците во Пиринско станува поим за беспрекорен револуционер и храбар војвода, и од нив ќе биде наречен Пирински цар. Тој во нивните очи станува човек со голем морал, чесност, патриотизам и верност кон својот македонски народ. Не само што се борел против Турците и Бугарите да прават зулуми над Македонците, туку ги казнувал и членовите на ВМРО кои се одметнувале, го пљачкале народот и вршеле разни злосторства врз него.

Сандански многу добро ја оценил опасноста од расколот во ВМРО.

Телото на Јане 

Сандански случајно открива дека врховистите подготвуваат негова ликвидација.

Во септември 1907-ма, Тодор Паница (еден од најблиските луѓе на Сандански) бил на гости кај својот кум Михаил Даев. Даев бил војвода во Драмско и близок човек на Сарафов и Гарванов. Тој бил опоменат од Серскиот округ за неактивност и добива укор. Сарафов и Гарванов сакајќи да ја тргнат последната пречка за продор на врховизмот во Македонија, му го ветуваат на Даев местото на Сандански на чело на Серскиот округ доколку го убие. Даев го повикува Паница кај себе дома и решава да му каже дека се договорил со Гарванов да го ликвидираат Сандански. Притоа бара согласност од Паница, кој не верувајќи во она што го слуша му дал согласност.

Даев решава да прати едно писмо до Гарванов во кое пишувал за убиството на Сандански. Мислејќи дека Паница е на негова страна, му го дава писмото, а тој наместо на Гарванов, писмото му го предава на Јане.

На 10 октомври 1907, Окружниот комитет на Серскиот револуционерен округ на чело со Јане Сандански, ги осудува на смрт Иван Гарванов, Борис Сарафов и Михаил Даев.

На 30 октомври, Михаил Даев знаејќи дека е откриен и сослушувајќи ја смртната пресуда, бара одобрение сам да ја исполни. Откако писмено ја образложил целата завера против Сандански и напишал неколку проштални писма, му било дозволено да се застрела со својот револвер. Даев се самоубива.

На 27 ноември 1907 во Софија, во домот на Сарафов каде што биле на вечера, Тодор Паница ги убива Иван Гарванов и Борис Сарафов. Само среќата му го спасува животот на уште еден врховист – Христо Матов, кој тој ден не дошол на вечера кај Сарафов заради нерасположение.

По убиствата на Сарафов и Гарванов, на чело на врховистите застанува Матов.

Во мај 1908 година, врховистите на конгрес во Ќустендил го осудуваат Јане Сандански на смрт.

 

Младотурска револуција

Со Младотурската револуција од 1908, Македонците помислиле дека конечно Македонија ќе добие своја самоуправа во рамките на Турската империја.

Младотурците тоа им го ветиле на македонските револуционери.

Јане Сандански и неговите соборци го оставиле оружјето и слегле во градовите. Сандански и неговите комити влегле во Неврокоп (денешен Гоце Делчев), а потоа на 15 јули 1908 година и во Солун.

На плоштадот во Солун Сандански одржува говор, во кој ги жигосува дотогашната турско-султанска управа, апелирајќи на сплотување на сите националности и предупредувајќи дека Македонците повторно ќе го земат оружјето в раце доколку не добијат загарантирана слобода.

Основата на новата програма на Санданистите е барањето на обласна самоуправа за Македонија во рамките на реформираната Турција, и барањето за полна рамноправност на сите етнички и верски групи.

Санданистите барале и спроведување на аграрна реформа, со која на македонските селани би им била вратена одземената земја од Турците

Како што подоцна ќе напише рускиот писател Водовозов, Сандански во еден разговор му рекол:

„Ние сега добивме можност за отворена борба во легални форми, ние веќе не сме ѕверови што ги прогонуваат, ами граѓани, ние можеме да работиме на реформирањето на татковината и нашиот труд не ќе остане бесплоден… Ние имаме своја аграрна реформа, тесно поврзана со нашата општа програма: првата се изразува низ барањето на конфискација на земјата од чифликсајбиите и нејзино враќање на селаните, а втората (политичката) е барањето за Македонија како автономна област во рамките на Отоманското царство… Но најмногу од се се плашиме од тоа нашите `мили пријатели` Бугарите, Србите и Грците да не дојдат да не `ослободуваат`“.

Прв атентат врз Сандански

Сандански за цело време работел на обединување на македонските револуционерни окрузи. Освен Серскиот на чие чело стоел, успеал да ги придобие и Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ и да ги оттргне од влијанието на врховистите. Преку Пере Тошев се обидувал да го придобие и Битолскиот округ, а преку Петар Поп Арсов и Скопскиот револуционерен округ.

Сандански сакал да организира нов конгрес во Солун, на кој сакал да создаде нова револуционерна организација, која нема да биде под контрола на Бугарија и на врховистите. Конгресот бил закажан за 25 септември 1908-ма.

На 24 Септември вечерта, откако се вратил од обиколка на Серскиот округ, тој со своите комити седнал во Бошнак Ан во Солун. Прелистувајќи ги дневните весници не забележал кога во анот упаднале четворица врховистички платеници кои веднаш почнале да пукаат кон Јане и неговата придружба.

 

Сандански бил ранет во вратот, а двајца од неговите комити биле убиени. Бугарските платени убијци успеале да го спречат одржувањето на конгресот на кој требало да дојде до обединување на македонските револуционерни сили. Но, не успеале да ја скршат волјата и упорноста на Сандански.

Во август 1909-та, македонските револуционерни комитети ја формираат Народната Федеративна Партија – НФП, која продолжува политички да ја застапува програмата на Санданистите. На основачкиот конгрес учествувале 33 делегати од цела Македонија. Најмногу имало од Серскиот, а најмалку од Битолскиот револуционерен округ. Иако Сандански немал функција во централното раководство на партијата, тој останал нејзин идеен водач, а Серскиот округ – столб на НПФ.

Втор атентат врз Пиринскиот цар

Бугарските слуги не мирувале. Само четири дена по основачкиот конгрес на НПФ, на 14 август 1909, врховистите повторно се обиделе да го убијат Сандански. Тој и тројца негови придружници движејќи се по една улица во Солун, непосредно покрај Отоманската банка, од зад грб биле нападнати од врховистичките бугарски платеници кои ги чекале во заседа. Врховистите почнале да пукаат и повторно го раниле Сандански.

Пиринскиот цар го преживеал и овој атентат. Бил ранет во градите и набргу пренесен кај познатиот солунски доктор Тенчев. После седум дена лекување, Сандански повторно бил на нозе.

А по неуспехот на Младотурската револуција, се заостриле односите меѓу Сандански и Турците, кои не го исполниле она што им го ветиле на Македонците. Македонските револуционери останале предадени.

 

Набргу потоа, во 1912 започнуваат Балканските војни против Турската империја, односно како што нагласувале балканските држави за „ослободување на Македонија“. Сандански во тој период се наоѓал во Мелник. Македонците немајќи друг избор се вклучуваат во редовите на балканските сојузници против Турците, гледајќи во тоа можност за конечно ослободување на Македонија.

За ова Водовозов пишува:

„Во 1912-та стана она од кое тој (Сандански) најмногу се плашеше. „Милите пријатели“ Бугарите, Србите и Грците склучија договор за делба на Македонија и се зафатија неа да ја “ослободуваат“. Што можеше да стори Сандански? Тој и сега, како и порано беше убеден дека само целосна и автономна Македонија може непречено да се развива, но мораше да согледа дека остварувањето на овој план се покажа како невозможно. Му преостануваше од неколку зла да го избере најмалото… И Сандански формира свои посебни чети со кои се бореше заедно со Бугарите против Турците, но не откажувајќи се од својот принцип – Македонија на Македонците, и не губејќи ја надежта дека иднината ќе му даде можности да го оствари тој принцип…“

Во Првата Балканска војна, Сандански ги организирал и ги предводел доброволечките одреди од Серскиот округ, кои многу придонеле за разбивање на турските единици на фронтот. По влегувањето на одредите на Сандански во Солун, на еден банкет приреден од бугарскиот генерал Тодоров, Сандански наздравил со зборовите: „Да пиеме за успехот на слободна и автономна Македонија“. Бугарските офицери кога го слушнале тоа се насукале со сабјите кон Сандански, а од другата страна кон нив тргнале комитите на Јане. Интервенцијата на генералот Тодоров спречила крвав инцидент.

По завршувањето на Балканските војни се потврдиле стравувањата на Македонците. Македонија останала поделена меѓу Србија, Бугарија и Грција.

Пиринскиот дел на Македонија остана окупиран од Бугарија.

Во текот на својот живот Сандански преживува неколку атентати организирани од бугарските слуги – врховистите. Последниот пат, на 22 април 1915, патувајќи од Мелник за Неврокоп, кукавички е убиен во заседа на Пирин планина.

Водовозов за Сандански

Рускиот писател и публицист Василиј Водовозов ( Василий Васильевич Водовозов) на првата годишнина од убиството на Сандански, ќе напише куса биографија за него. Во неа меѓу другото пишува:

 

„Јас повеќе пати сум се среќавал со Сандански во различни моменти од неговиот живот. Малкумина луѓе на Балканскиот Полуостров ми имаат оставено таков силен, таков целосен и таков длабок впечаток каков што ми има оставено овој поборник за македонската независност. Од него зрачеше најпотполна храброст, самоконтрола, и огромна, непоколоеблива енергија.

Се чувствуваше дека со својот тивок, длабок глас, тој умее да дава наредби, кои во критичните моменти никој не се решаваше да не ги исполни. Неговото огромно честољубие беше совршено видливо… Макар што му недостигаше што годе сериозно образование, тој беше човек со голем ум, со превосходно познавање на Македонија и македонскиот народ, и со истенчено чувство да се ориентира во политичките прашања на секој даден момент. Сред македонското селанство, Сандански уживаше огромна популарност…“

Како аманет од Сандански останало запишано:

„Јас не очекувам скорешно ослободување на Македонија. Тоа може дури и да не дојде додека сум жив. Но, јас сакам да го зачувам народот и да го организирам, и доколку се случи тоа, тој ќе ја извојува својата слобода и без мене“.

 

 

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

По 25 години во Сител, Ивона Талевска почнува со работа во Алфа Тв.

По точно 25 години, познатата новинарка, водителка и уредничка Ивона Талевска, ја напушти телевизија Сител. „Наскоро се гледаме од ТВ Алфа, единствената македонска телевизија со...

Касами бара парите да бидат на албански јазик.

Биљал Касами вчера во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека еден од Законите кои мора да се промени е тој за Централна банка,...

Зетот на убиениот Панче: Велибор ги извадил бекатон плочките од дворот на Панче

Тодор Кирков, зет на убиениот Панче Жежовски, денеска сведочеше на судењето за двојното убиство. Во својот исказ, Кирков ја опиша динамиката на односите со...

Тошковски најави засилен видео-надзор откако првооделенци сакале да силуваат ученик во Скопје

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска, најави засилување на видео-надзорот, како и присуството на полициски службеници, откако завчера двајца првооделенци од училиштето „Димитар...