7.9 C
Ohrid
четврток, ноември 21, 2024
ПочетнаИсторијаНа Божиќ 1846 година е роден еден од најголемите столбови на македонштината...

На Божиќ 1846 година е роден еден од најголемите столбови на македонштината – Митрополит Теодосиј Гологанов

ТЕОДОСИЈ ГОЛОГАНОВ

Божиќ, на денот на кој е роден Исус Христос, на 07.01.1846, во планинското село Т`рлис, Неврокопско, Пиринска Македонија, е роден Теодосиј Гологанов, еден од најголемите македонски синови.

Ќе остане запаметен во македонската историја како тврдокорен борец за возобновување на тогаш укинатата Охридска Архиепископија и жесток противник на сите антимакедонски пропаганди.

Роденото име му е Васил Илиев Гологанов.

Судбината сакала малиот Васил да се роди како слепо дете на најголемиот христијански празник Божик, во 1846 година.

Според народните верувања, децата со физички недостатоци биле ветени на Бога, и биле испраќани во манастири каде ја чувале манастирската стока или извршувале друга манастирска работа.

Татко му Илија кој бил свештено лице и учител, имал голема желба да го описмени Васил и не сакал веднаш да го однесе во манастир.

Се заветил дека ако неговиот син прогледа, тогаш да го однесе во манастир.

На 12 години малиот Васил неочекувано прогледува.

Татко му сметал дека тоа е дар од Бога, и во знак на благодарност две години подоцна (1860-та) го носи Васил во манастирот “Свети Јован Претеча“, во близината на Сер.

Во тоа време не постоела укинатата Охридска Архиепископија, и манастирот “Св. Јован Претеча“ бил под влијание на грчката култура и бил дел од грчката црква (Патријаршија). Тука Васил го научува грчкиот јазик.

Многу млад се замонашува и го зема свештеното име Теодосиј.

Созревајќи во услови кога не постоела од Турците укинатата Охридска Архиепископија, Гологанов на почетокот бил дел од Цариградската (грчка) Патријаршија.

Но никогаш не заборавил кој е, и упорно работел на остварување на својата цел.

БУДЕЊЕТО НА МАКЕДОНЦИТЕ

Во тоа време македонското национално будење започнало да продира и во серскиот округ и го зафатило и братството во “Св. Jован Претеча“ во кое имало монаси Македонци од околните планински села. Игуменот на манастирот „Св. Јован Претеча“ – архимандритот Исаиј, покрај на грчки, дозволил во манастирот да се богослужи и на црковно-словенски јазик.

Теодосиј наскоро бил ракоположен за јероѓакон и самиот почнал да служи на црковно-словенски. Дури и се обратил до серскиот митрополит барајќи официјална дозвола за служење на богослуженијата на црковно-словенски јазик. Молбата била одбиена.

Четири години по своето стапување во манастирот, Теодосиј бил ракоположен и за јеромонах (1864) од страна на митрополитот Прокопиј, и поставен за игумен на еден помал манастир во близината на Сер, истовремено продолжувајќи го своето образование во серската класична гимназија.

Во 1865-та, Теодосиј заедно со Дионисиј Москов од селото Горно Броди (Егејска Македонија), започнуваат борба за отворање на македонски училишта и замена на грчкиот со црковно-словенскиот јазик при богослуженијата.

Теодосиј повторно се обидел да добие одобрение од серскиот митрополит за служење на црковно-словенски јазик, но неговите барања повторно се одбиени.

Во 1868-та, чорбаџијата Хаџи Димко од Горно Броди побарал од серскиот митрополит воведување на словенскиот јазик во македонските училиштата. Ова барање било подржано и од страна на Теодосиј кој во тоа време бил игумен на манастирот „Св. Јован Претеча“.

Како и сите досегашни и оваа молба била одбиена, па селаните од Горно Броди без дозвола од митрополитот во селското училиште го вовеле македонскиот јазик.

Ова го охрабрило Теодосиј, и тој без дозвола од грчкиот митрополит Неофит, во манастирското училиште покрај грчкиот го вовел и црковно-словенскиот јазик, а притоа доделил и стипендии на триесетина македонски деца.

Заради непослушноста на Теодосиј и другите македонски монаси од манастирот, митрополитот Неофит се пожалил до Цариградскиот патријарх.

Како одговор на дејствијата на Теодосиј, серскиот силогос го забранил црковно-словенскиот јазик во манастирското училиште, а биле одземени и стипендиите на македонските деца. На нивно место биле доведени гркомански деца заедно со неколку грчки учители и свештеници.

Против Гологанов не била преземена никаква казнена мерка, затоа што силогосот знаел дека Теодосиј уживал голема почит од Македонците во околијата и се плашел од нивната реакција.

После репресивните мерки од страна на грчките свештеници, Теодосиј Гологанов застанува отворено на страната на македонското национално движење во Сер и Неврокоп. За таа цел патува по околните села и ја критикува Цариградската патријаршија и нејзината елинизаторска политика.

Поради тоа, на барање од серскиот митрополит Неофит, Турците го фаќаат и го затвораат Теодосиј.

Во знак на протест македонското население од околните села ги затворило храмовите и се обратило до турските власти жалејќи се на грчките митрополити и свештеници. Главното барање било ослободување на Теодосиј.

По големиот притисок од страна на населението, митрополитот Неофит побарал од турската власт да го пушти Теодосиј, и наскоро тој е ослободен.

БУГАРСКАТА ЕГЗАРХИЈА – НОВА ДУХОВНА ТИРАНИЈА НАД МАКЕДОНЦИТЕ

Во 1870 год. со одобрение на отоманската власт е создадена бугарската Егзархија.

Македонските епархии морале да изберат под чија црковна управа ќе бидат, затоа што Охридската Архиепископија сеуште не била возобновена.

Голем дел од нив се одлучуваат за Егзархијата а не за грчката Патријаршија, заради црковнословенскиот јазик на кој биле изведувани литургиите во Егзархијата, за разлика од грчкиот на кој се изведувале литургиите во Патријаршијата.

Живеејќи во услови во кои не постоела укинатата Охридска Aрхиепископија, Теодосиј Гологанов бил приморан прво да биде дел од Цариградската (грчката) Патријаршија а потоа и од бугарската Егзархија.

Но тоа воопшто не го поколебало во неговата борба за создавање на самостојна македонска црква, туку неговата позиција во Егзархијата подоцна ќе се обиде да ја искористи за возобновување на укинатата Охридска Архиепископија.

Во 1872 година, само две години по раѓањето на Егзархијата, Патријаршија во неа видела силна конкуренција и ја прогласува Егзархијата за шизматичка црква. Најголемиот проблем меѓу нив било тоа што Патријаршијата и Егзархијата не можеле да се договорат за поделбата на македонските епархии.

Македонските епархии незадоволни од третманот на стока за размена и поткусурување, се одлучуваат да ја продолжат борбата за возобновување на својата Охридската архиепископија.

Шест македонски црковно-училишни општини се обратиле до Англиканската црква барајќи помош за возобновување на Охридската архиепископија. Откако биле одбиени, се обратиле и до Римокатоличката црква. Предлогот бил прифатен од римокатоличкиот Одрински епископ.

Но отоманската власт ја подржувала Патријаршија, и во периодот 1873-1874 год. следувал силен притисок од отоманската власт врз македонското население, со цел истото да се откаже од унија со Римокатоличката црква и да се врати под јурисдикција на Патријаршијата.

Во 1874-та Теодосиј е поставен за ефимериј при храмот „Св. Стефан“ во Цариград. Во 1875-та заминува за Ниш (кој исто така бил под јурисдикција на бугарската Егзархија), како помошник на Нишкиот митрополит. Во 1876-та повторно е избран од Синодот да служи во цариградската црква “Св. Стефан“. Во наредниот периот е поставен за егзархиски намесник во Цариград. Од 1880 до 1885 година е претставник на Егзархијата при Високата порта.

ТЕОДОСИЈ – МИТРОПОЛИТ СКОПСКИ

Во 1884-та, бугарскиот егзарх Јосиф I побарал оставки од митрополитите Натанаил и Кирил, кои ги добил во декември истата година.

Потоа се обратил до Високата Порта во Цариград барајќи берати (дозволи) за нови епископи на испразнетите епархии во Скопје и Охрид.

Егзархот не чекал да бидат издадени бератите, и во јануари 1885-та во храмот „Св. Стефан“ во Цариград ги ракоположил – Тедосиј за митрополит на Скопската, а Синесиј за митрополит на Охридската епархија.

Со неговото поставување на Скопски митрополит (19 јануари 1885-та) и со добивањето на бератот за Скопски епископ (24 јули 1890), Теодосиј конечно добил можност во невозможни услови да работи на својата цел – возобновувањето на Охридската Архиепископија – укинатата вековна црква на Македонците.

Од друга страна, Србите посакале да го врбуваат новиот скопски митрополит за нивната кауза.

Набргу сфатиле дека Гологанов за никаква цена не ги продава своите идеали.

Коста Групчев (српски пропагатор) кој имал средби со Гологанов и се обидел да го врбува, во својот извештај до Коста Новаковиќ ќе напише дека не е можно Теодосиј да биде врбуван за српската кауза, затоа што неговите планови се да ја возобнови Охридската архиепископија на македонска основа, и дека самиот тој (Теодосиј) „воопшто не го симпатизира србизмот и не сака да прави никакви компромиси со српската Влада…“

БОРБАТА НА ГОЛОГАНОВ ЗА ВОЗОБНОВУВАЊЕ НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА

Веднаш по враќањето во Скопје, Теодосиј Гологанов започнува чистка на бугарските кадри во Скопската епархија и пресметка со бугарската асимилаторска политика.

Во сите службени документи на црквата, бугарските именувања ги заменувал со македонски, и се однесувал како раководител на возобновената Охридска архиепископија.

Во почетокот на есента 1891-ва ги заменил црковните свидетелства кои во себе го содржеле името Бугарска Егзархија, со нови свидетелства и документи на македонски јазик.

Печатењето било направено во турската печатница во Скопје, при што биле платени 100 турски лири за отворање на словенско одделение.Документите биле печатени на македонски јазик, велешко-штипски дијалект.

Извршил чистка на кадрите на Егзархијата во црковно-училишните општини, и ги заменил со Македонци.

Набргу по доаѓањето го сменил и директорот на скопското училиште – Бугаринот Антон Наследников.

Ова довело до силни реакции и негодувања од Егзархијата, но Теодосиј не запрел тука, туку наредниот месец (Септември) извршил посета на поголемите градови од својата епархија, и ги сменил претседателитe на општините и директоритe на училиштата кои биле Бугари или приврзаници на бугарската Егзархија и бугарската пропаганда.

При посетата во градовите богослужел на црковно-словенски јазик, а проповедите ги држел на македонски (серски дијалект).

Во декември 1890-та го посетил Тетово. Неговите ставови им биле познати на тетовчани, кои и покрај забраната од грчкиот митрополит Паисиј кој наредил да не се дозволи на митрополитот Теодосиј да богослужи во тетовскиот храм, му ја отвориле црквата.

Пречекот на митрополитот Теодосиј во Тетово бил толку свечен, што предизвикал револт кај тетовските Турци кои се пожалиле кај тетовскиот бег – Есад дека таков дочек немал ниту турскиот султан и барале митрополитот Теодосиј веднаш да биде протеран од Тетово.

Најсилен удар против бугарската пропаганда извршил преку враќање на самостојноста на црковно-училишните општини во Скопската епархија.

Во сите градови кои спаѓале во Скопската епархија на чело на црковно-училишните општини застанале претставници на македонскиот еснаф.

За учебната 1891/1892 ги отстранил сите учители дојдени од Бугарија и ги заменил со Македонци.

Како што напишал самиот Гологанов – “Месните учители се оружје самите по себе за отпорот против пропагандите, бидејќи му служат на својот народ“.

Бугарскиот егзарх Јосиф I бил лут и бесен и се заканил дека ќе го повика на одговорност Теодосиј доколку продолжи со замената на бугарските учители.

Одговорот на Теодосиј бил:

„За Скопската епархија не важат егзархиските правилници, ниту таа ги признава инструкциите на Егзархијата по однос на управувањето со учебното дело и пансионите. Егзархиските правилници немаат важност во Скопската епархија, бидејќи епархијата си има свој господар“

ПИСМОТО ДО ПРОИГУМЕНОТ ДИОНИСИЈ

Согледувајќи дека нема да може долго самиот да ги одбива нападите од Егзархијата, од бугарската влада, од грчката и српската пропаганда, митрополитот Теодосиј се обидел да ги анимира и останатите македонски свештеници.

Ова најубаво е опишано во неговото писмо до проигуменот Дионисиј, испратено на 22 јуни 1891-ва:

„Чудна е промислата Божја, а уште почудни се патиштата Негови. Христос проповедаше љубов меѓу луѓето и за неа отиде на Крст, а ние луѓето, во името на таа Христова љубов, со Неговиот најсвет симбол – Крстот, шириме меѓу луѓето најголема омраза и ги потиснуваме духовно и национално убедувајќи ги дека добро им чиниме. Така и нашата света Егзархија на чело со блажениот Егзарх Јосиф I прави севозможно да го убеди кутриот македонски народ дека му го мисли доброто, дека се грижи за неговата сегашност и иднина и дека сака да го извади од темнината на националното несознавање и од него да создаде свети Бугари.

А не треба многу да те убедувам, премил брате во Христа, дека нашата Егзархија со својата црковна и просветна дејност тука во Македонија врши всушност најмизерна задача, му го одзема името на еден народ и го заменува со друго, му го одзема мајчиниот јазик и го заменува со туѓ, за да обезбеди на својата влада и на своите бугарски чорбаџии да си ја прошират трговијата и на туѓа територија.

А како ова ти ќе го наречеш, драги брате, ако не ново ропство пострашно од турското. Турците земаат имоти и животи на рајата, но не посегнуваат врз неговиот дух. Тие го уништуваат телото, но духот го почитуваат. А нашата света Егзархија го убива ова другото, постојаното. Тоа ли е братски и христијански однос?

… Мое мислење е дека ние духовниците, по потекло Македонци, треба да се здружиме и да го кренеме нашиот народ да се разбуди, да ѓи отфрли туѓинските управи, да ги отфрли и Патријаршијата и Егзархијата, и да се обедини духовно во крилото на Охридската архиепископија, неговата вистинска мајка црква. Не е ли крајно време да се запре националното движење на еден ист народ само поради тоа што едни ја признаваат Патријаршијата, а други Егзархијата, додека третиот му се поклонува на Мухамед. Не е ли крајно време да се сопре омразата меѓу брат и брат? А како тоа може да се стори ако не преку своја народна Црква, преку Охридската архиепископија.

Јас ќе бидам искрен драги брате во Христа и отворено ќе ти речам: ’Ние Македонците немаме толку мака од Турците да ни е жив падишахот, колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија во оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат’“…

Гледајќи дека митрополитот Теодосиј дошол во конфликт со бугарската Егзархија, српскиот конзул во Скопје – Кариќ повторно се обидел да го привлече кон српската пропаганда ветувајќи му возобновување на Охридската архиепископија.

Според планот на Кариќ, Охридската Архиепископијата требало да падне под јурисдикција на Карловачката митрополија.

Во своето писмо до српската Влада во кое бара средства за да го поткупи Теодосиј, Кариќ искажува и една голема вистина:

„…Како во среден век во Европа, така и во областа на нашата пропаганда во Македонија и денес залудно се бара чувство на српска или бугарска свест кај народот. Такви чувства нема…Доколку ми пуштите пари, за кусо време ќе ги придобијам на своја страна сите попови, на чело со митрополитот Теодосиј. Првенството меѓу нас и Бугарите ќе се реши со ќесе…“

Српската влада му испратила пари за пропаганда на Кариќ. Тој успеал да привлече само мал број на свештеници, а митрополитот Теодосиј не сакал ниту да разговара со Кариќ.

За македонизмот на Гологанов сведочи и српскиот учител од Кратово – Ѓорѓи Стоилковиќ, кој напишал:

„Јас лесно ќе се справев со егзархистите во Кратово, ако не беше владиката Теодосиј… На широкото народно собрание владиката Теодосиј недвосмислено се искажа и против српската и против бугарската пропаганда, повикувајќи го народот на единство“.

ПОСЛЕДНАТА БИТКА

Притиснат од сите страни, Гологанов се одлучил да го направи и последниот чекор за одделување од Егзархијата и возобновување на Охридската архиепископија како црква на македонскиот народ.

Теодосиј знаел дека ниту грчката Патријаршијата, ниту бугарската Егзархијата нема да се согласат со возобновување на Охридската Архиепископија како самостојна црква на Македонците.

Подготовките за одделување од Егзархијата ги започнал со посета на градовите и селата од својата епархија, при што секаде јавно ја искажувал намерата да ја возобнови Охридската архиепископија и го повикал населението на единство.

При овие разговори наложил да се соберат сите стари македонско-словенски ракописи и книги од Епархијата и да се чуваат на сигурно.

Заштитата на ракописите била итна, бидејќи бугарските учители и егзархиски службеници изнеле многу од нив надвор од Македонија.

Додека Бугарите ги краделе, грчкиот клир бил уште посуров – ги палел и уништувал македонските црковни ракописи.

Освен заштита на македонските црковни документи и ракописи, Теодосиј немајќи друг сојузник, сакал да ја привлече турската власт на своја страна. За ова бил помогнат од австро-унгарскиот конзул во Скопје – Шмукер. Преку конзулот, на скопскиот турски валија му биле дадени 200 турски лири. Теодосиј лошо проценил дека скопскиот валија ќе може да му помогне. Валијата немал надлежност да одлучува за работи како што е возобновување на една Црква.

Теодосиј сакал да ги разбуди и останатите македонски епархии. Најревносна во прифаќањето на идејата да се возобнови Охридската архиепископија била самостојната Прилепска црковно-училишна општина на чело со свештеникот Спасе Игуменов. Тој требало да се поврзе со македонските црковно-училишни општини од Пелагониско и Охридско и заеднички да поднесат молба до Високата Порта за возобнова на Охридската архиепископија.

Но Патријаршијата не ја одобрувала идејата на Гологанов да ја возобнови Охридската архиепископија.

Уплашени од можното возобновување на Охридската архиепископија, а со тоа и губење на сите македонски епархии, Егзархијата и бугарската Влада на 23 ноември 1891 побарале од Високата порта митрополитот Теодосиј со сила да биде доведен во Цариград.

Соочен со заканата присилно да биде одведен во Цариград, Теодосиј бил принуден да прибегне кон веќе испробаното средство од страна на македонските епархии во борбата против туѓите црковно-национални пропаганди – Унија со Римокатоличката црква.

Иако и самиот неколку пати остро се спротивставувал на употребата на ова средство за заштита од грчката, бугарската и српската црковно-национална пропаганда, немајќи повеќе кому од православните цркви да се обрати, Гологанов се одлучил на овој чекор.

За таа цел, на 25 ноември 1891-ва се сретнал со австро-унгарскиот конзул Шмукер и побарал од истиов да го поврзе со Римокатоличката црква.

Веќе на 3 декември, Апостолскиот нунциј Аугусто Бонети се сретнал со митрополитот Теодосиј.

УСЛОВИТЕ НА ГОЛОГАНОВ ЗА ВОЗОБНОВУВАЊЕ НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА И ПИСМОТО ДО ПАПАТА

Знаејќи дека во услови кога македонската црква сардисана од околните цркви немало шанси да добие статус на независна македонска црква, митрополитот Теодосиј во 1891 г. се обидел да се договори со папскиот нунциј во Цариград за покровителствто на Римокатоличката црква над евентуално обновената Охридска архиепископија.

При тоа Гологанов поставил шест услови:

  1. Да се обнови стародревната Охридска архиепископија, која ќе биде во канонско единство со Римокатоличката црква, со непосреден благослов на светиот отец Папата.

 

  1. На чело на обновената Охридска архиепископија да биде тој (Гологанов) како автокефален поглавар на црквата.

 

  1. Другите луѓе од високиот клер (епископите, свештеномонасите, и мирските свештеници) да бидат родум Македонци и назначувани од архиепископот.

 

  1. Границите на Архиепископијата да се поклопуваат со границите на етничка Македонија, а поделбата на епархиите да се задржи.

 

  1. Старите унијати од Кукушко-полјанската и Струмичката епархија да се изделат од јурисдикција на унијатскиот архиепископ во Цариград и да се приклучат како епархии кон Охридската архиепископија.

 

  1. Да не се доведуваат нови католички мисионери, со исклучок на затекнатите во Македонија, а затечените да не се мешаат во внатрешниот црковнопросветен живот на Архиепископијата.

Гологанов не застанал овде. Му напишал писмо и на тогашниот папа Лав ХIII.

Во писмото меѓудругото напишал:

“…Нашата желба произлегува од историското право на македонскиот православен народ да се ослободи од јурисдикцијата на туѓинските цркви, да се ослободи од бугарската Егзархија и цариградската (грчка) Патријаршија, да се обедини во својата единствена православна црква и да ги добие сите белези на народ кој има право на самостоен духовен и културно-просветен живот…“

Останувало да се чека конечниот одговорот од Конгрегацијата за пропаганда на верата во Рим.

Бугарската Влада и Егзархијата се уплашиле дека ќе ја загубат цела Македонија доколку митрополитот Теодосиј успее да ја возобнови Охридската архиепископија. Поради тоа Егзархот Јосиф му испратил покана на митрополитот Теодосиј да се појави во Цариград најкасно до 10 декември 1891-ва.

На ова митрополитот Теодосиј одговорил дека нема намера да појде во Цариград и дека повеќе не се смета за епископ на Егзархијата, ниту пак истата ја смета за надлежна во Македонија

На Бугарите им станало јасно дека доколку митрополитот Теодосиј остане во Скопје и добие позитивен одговор од Рим, Егзархијата ќе ги изгуби своите позиции во Македонија.

Синодот на Егзархијата формирал комисија составена од двајца членови на чело со егзархот Јосиф I, која требало да одлучи што понатаму со „непослушниот“ митрополит.

Комисија донела одлука да се отстрани митрополитот Теодосиј од Скопје со помош на турската власт и да биде однесен во Цариград.

Теодосиј на тоа одговорил дека отстранувањето го смета за неканонско.

По наредба од Високата Порта, митрополитот Теодосиј на 5 јануари 1892 бил спроведен под стража во Цариград.

ОБВИНЕНИЕ

Обвинението според кое бил осуден се состои од 7 точки напишани на 22 страници.

Во самото обвинение митрополитот Теодосиј Гологанов се обвинува за: антиегзархиска црковно-просветна дејност, непризнавање на егзархиските правилници и одредби, користење на егзархиските финансии за антиегзархиска и антибугарска дејност, печатење книги на словенски јазик, а не на бугарски, обид да ја обнови Охридската архиепископија.

Најважна е седмата точка од обвинението во која митрополитот Теодосиј се обвинува за обид да го одвои “бугарското население во Македонија“ од Бугарија создавајќи „некаква непостоечка во историјата народност“. За првите шест точки стоело дека сите повлекуваат одземање на митрополитскиот чин, додека за последната стоело дека надлежно во однос на истата е бугарското Министерство за надворешни работи.

До 1910 митрополитот Теодосиј Гологанов бил постојано префрлан на различни места од страна на Егзархијата, со цел да не му се дозволи да дојде во контакт со Македонци – негови истомисленици.

Во 1910-та Скопската епархија повторно останала без епископ, а на народниот собор во Скопје, скопјани побарале да им биде вратен митрополитот Теодосиј.

Спомените за македонскиот епископ во Скопје останале живи во нивните сеќавања.

Теодосиј со помош на Петар Поп Арсов повторно доставил кандидатура за митрополит на Скопската епархија.

Ова било протолкувано како повторен обид на митрополитот Гологанов да го разгори македонското прашање. Одговорот на Егзархијата бил негативен.

Со тоа била отфрлена последната можност за враќање на Теодосиј за митрополит на Скопската епархија.

Остатокот од својот живот митрополитот Теодосиј го посветува на научна работа, пишување и превод на книги.

Ги напишал делата: “Упатство на православниот свештеник за бракот“, „Два поучни трактата за човековата душа и за Бога“, „Мал архиерејски молитвословник“, „Енеидата, Буколиките и Георгиките од Вергилија“, „Кратко раководство за должностите на свештеникот“ и „Правилник на Епиктета или правила за спокоен живот“.

Освен што пишувал, Гологанов и преведувал. Негови најпознати преводи се „Загубениот рај “ на Џон Милтон, „Мачениците или победата на христијанската религија“ на Шатобријан, „Животот на Исус Христос“ на Винсент Ферер.

Крајот од својот живот го поминува во Духовната академија во Софија, каде што и умира на 1 февруари 1926-та година.

Митрополитот Гологанов бил духовен водач на Македонците во времето во кое живеел, останувајќи верен на својот народ и на своите идеали до крај.

ТЕОДОСИЈ ГОЛОГАНОВ ОСТАНУВА ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ СТОЛБОВИ НА МАКЕДОНШТИНАТА И СИМБОЛ НА БОРБАТА ПРОТИВ ТУЃИТЕ ПРОПАГАНДИ, ПОСЕБНО ПРОТИВ БУГАРСКАТА.

ВЕЧНА МУ СЛАВА НА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ СИН!!!

Извор javno.mk

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Абе дојдете кој сакате: Лидерот на Левица, фрли слушалки кон пратеник и се обиде физички да се пресмета

Малку фалеше да дојде до физичка пресметка помеѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев, со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието. Апасиев најпрвин влезе во вербална...

Давкова: Ќе се сретнам утре со Шекеринска за да и честитам.

Дозволете, да Ве информирам дека утрово беше остварен телефонски разговор со госпоѓата Радмила Шекеринска-Јанковска. Во разговорот ѝ е упатена покана за средба со цел...

Владо Георгиев ограбен во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје

Црногорскиот пејач Владо Георгиев бил ограбен во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје. Тој веднаш се огласи на социјалната мрежа Икс, каде сподели детали за...

Апелација донесе одлука: Исмет Гури од ДУИ оди во затвор

Апелациониот суд ја одобри одлуката во случајот „Титаник 3“, каде Исмет Гури и Ејуп Алими, поранешни функционери на ДУИ, беа обвинети за измама и...