1.9 C
Ohrid
сабота, декември 21, 2024
ПочетнаИсторијаЗаписи од Средна Азија – Случајно одење по врвиците на Александар Македонски

Записи од Средна Азија – Случајно одење по врвиците на Александар Македонски

spot_img

Оваа приказна за денешниве Македонски белези во Средна Азија почнува во 2003 година на бреговите на реката Аму Дарја сосем случајно и попатно со мојата професионална кариера како меѓународен советник.

На почеток веднаш да напоменам дека не отидов таму со цел да ја барам Македонија, ниту да прозелитизирам, ниту пак моето типично образование од 70тите и 80тите години ме подготвило и да помислам на постоење на таква евентуална можност за постоење на Македонски траги во Средна Азија.

Напротив, доаѓајќи од Лондон, на прашањата од каде доаѓаш, за да не компликувам одговарав од Англија, не очекувајќи дека некој во беспаќата на Средна Азија ќе ја знае мојата мала татковина Македонија.

И секогаш кога краткиот разговор ќе се одолжеше на подолго од минута-две, на подпрашањата на секогаш љубопитните домаќини за моето име, родно место велев Македонија, што предизвикуаше блесок во очите на соговорниците како кога ќе се сретнат со нешто старо и препознатливо.

И така веќе на почетокот разбрав дека во Средна Азија, Македонија е попрепознатлив бренд од Англија. А во некои делови како на пример Памир (Горно Бадакшан) кога ќе речеш јас сум Македонец, во шега а според нивните легенди и со многу вистина луѓето ти одговораат со, брат,и јас сум Македонец. Но нејсе, и по ред.

Случајно одење по врвиците на Александар Македонски | МКД.мк
Стариот Град Термез
Во 2003 отидов да водам еден меѓународен проект на југот на Узбекистан во двете јужни провинции Кашкадарја и Суркундарја вдолж реката Аму Дарја која е природна граница со Авганистан. По стигнувањето во Ташкент и на пропатување кон југ првата недела веќе случајно се сретнав со еден драг човек, Виктор, син на Македонец од децата бегалци после Втората Светска Војна.

Сместен во регионалните главни градови Термез и Карши заедно со 60тина локални вработени помагавме во 40 населени места со поправка на школи, амбуланти, мостови, пумпи за вода итд.

Интересната и благородна работа носеше многу позитивна енергија но и понекои расправии со некои од мештаните за (не)квалитетот на нивната работа. За илустрација, организацијата даваше неколку илјади долари за материјали а мештаните требаше да најдат свои мајстори кои ќе ја реновираат да речеме амбулантата или училиштето.

Некои го правеа тоа добро, некои го правеа по нашки речено фушерајски и моите колеги знаеја дека прилично се лутам за такви работи и велев ова догодина ќе падне и ќе биди и полошо од што беше.

Македонски траги во Среднa Азија (ФОТО) | NetPress
Александровиот Мост
По завршувањето на овој проект се префрлив на работа во соседниот Таџикистан и шоферот од организацијата кој ме возеше до главниот град Душанбе, познавајќи ме добро ми рече, сега по патот ќе ви покажам една стара македонска градба што нема да падне догодина а за која малку луѓе во светот знаат освен нас тукашните. Застанавме некаде на половина пат од градот Термез во Узбекистан до границата со Таџикистан покрај еден мост на главниот пат.

Излеговме и пешки некаде сто метра нагоре кон планината стои мост од бело црвени тули, во околината зарастена во жбуње, стои цврсто, со еден голем лак. Мост изграден од Александар Македонски. Градот Термез бил освоен од страна на Александар Македонски во 329 пне а Александар во близината во месноста Кампир Тепа го изградил градот Александрија Оксиана со моќни ѕидини и порти.

Ова беше почетокот на познатиот поход на Александар Македонски од Персија преку денешен Узбекистан кон Согдија и нејзината столица Мараканда во денешен Таџикистан.Случајно одење по врвиците на Александар Македонски | МКД.мк

Стариот Град Александрија Оксиана
И така почна моето долгогодишно патешествие по врвиците на Александар Македонски низ Средна Азија и средбите со историските трагови а уште повеќе со духовните следи кои се до ден денес живи кај денешните жители на овој прекрасен дел од светот. Воедно Узбекистан стана мојата прва средба со измешаноста на народите во Средна Азија, каде многу Таџици живеат во Узбекистан и многу Узбеци во Таџикистан. Историјата на Бухара и Самарканд центрите на средновековната наука, математика, астрономија, култура и уметност се предмет на спор меѓу денешен Таџикистан и Узбекистан. Мојот возач од Термез, гордо ми го покажа својот нов пасош во кој првпат им дозволиле да им пишува државјанство Узбекистан а националност Таџик. Но така и почна мојата длабока врска со овој регион на прекрасни и добри луѓе кој остави длабоки траги во мене засекогаш да се чуствувам дома а и на кој јас оставив свои длабоки траги.

Таџикистан е планинска земја со неколку географски оделени региони како Сугд на север, Катлон на југ а и за нас посебно интересниот Памир или Горно Бадакшан во југоистичниот агол на границата кон Кина и Авганистан. Така и историски овие денешни региони влечат корен од двете ханства (канати) Согдија на север и Бактрија на југ. Главниот град на Согдија, денешната област Сугд, е Хуџанд, во советско време Ленинабад, пријатен град на брегот на Сир Дарја, најголем индустриски центар во советски Таџикистан и покрај тоа што Душанбе бил и е официјалната престолнина. Градот пишува и еден друг дел од воената историја со тоа што бил центарот за производство на атомските бомби на Советскиот Сојуз. За истиот тој Хуџанд, секој Таџикистанец со големо задоволство ќе ви раскаже и без да го прашате прв пат е основан како град од Александар Македонски и бил наречен Александрија Исхата, Александрија Восточнаја, значи најисточниот град кој Александар го основал. Кога Александар дошол во Согдија, како дел од својата традиција на воено завземање и на политички сојузи завземање се оженил со Роксана (Равшан на Таџикски) ќерката на Согдискиот Хан со која подоцна имал и син. Имав можност и многу пати да поминувам низ местото од каде што била Роксана, а и секој Таџик ќе биде среќен да ве упати каде да го најдете тоа место.

По првичното заземање на Согдија од страна на Александар дел од Согдијските војски избегале на исток на територија на денешната Киргизска Република и подолго време вршеле краткотрајни напади врз Македонската војска и брзи повлекувања назад. Александар решил да стави крај на таквите десанти и тргнал кон денешниот Киргиски град Ош да ги доразбие Согдијските војски. Согдијците, вели историјата, се собрале заедно и се искачиле на високото стратешко место наречено Голем Камен каде што се снабдиле со вода и храна за неколку месеци. Голем Камен бил само од една страна пристапен а сите други страни биле скоро 90 степени стрмни и невозжни за искачување така што Согдијците без проблеми се бранеле подолго време. Легендата вели дека една приквечер Александар одбрал група војници и им дал задача ноќта да се качат над Согидјските војски по најстрмната страна. Следното утро изненадувањето на Согдијците било огромно кога се разбудиле и виделе дека на Голем Камен уште повисоко над нив група Македонци со мечеви и набргу се предале.

Исто така легендата која секој Киргиз од најмладиот ученик до секој 90 годишен старец ќе ви ја раскаже е дека Александар бил и кај нив. И тоа со таков ентузијазам како само вчера да бил таму и само за малку и не сте се сретнале. Приказната е дека војниците на Александар се разболеле додека биле во регионот на Ош а поточно до најголемата природна ореова шума во светот Арсланбоб и дека една бабичка сварила лек од лисјата на оревот и дека војниците оздравеле.

Ореовата шума Арсланбоб во Киргиската Република
А кога тргнуваш од Хуџанд на југ кон Душанбе меѓу два планински превои, и двата високи од над 3,500 метра надморска височина, ако направите депочнителен труд можете да го видите планинското езеро Искандар Кул (Александрово Езеро) во кое според легендата загинал и засекогаш останал коњот на Александар, Букефал

Езерото Искандар Кул – Таџикистан
Во Таџикистан живеат околу 7 милиони луѓе од кои само 300,000 на планинскиот и тешко достапен регион Памир кој пак зафаќа 45% од територијата на државата. Памирците во времето на советскиот сојуз имале најмногу доктори на науки по проецент на население во целиот Советски Сојуз. Кај овие наши драги Памирци до ден денес е жива легендата и тоа секој Памирец ќе ви го каже, дека тие или барем некои од нив се потомци на војниците на Александар Македонски. И да нема забуни, никој нема да ја спомене Грција таму, тој наш банален Балкански спор таму никогаш не постоел, се зборува само за Македонци. Легендата е дека кога Александар продолжил понатаму на југ кон Авганистан, Пакистан и евентуално до Агра во Индија, војските тргнале по неколку различни патишта и дека околу 500 до 1,000 македонски војници кои оделе долж реката Пјанџ која го дели Таџикистан од Авганистан за да ја преминат, завлегле во безпаќе со долго стотици километри и легендата вели, останале вечно на Памир. Ако ја погледата географијата не е тешко и да се види зошто. Реката Пјанџ тече меѓу стрми планини од двете страни и после стотици и стотици километри пат не излегувате никаде, туку се качувате на Покривот на Светот – Памир од каде непрегледни и непроодни планински венци од 7 до 8 илјади метри висина кои се протегаат преку Кина до Тибет се до Хималаите од каде што од другата страна е Непал. Така и останале таму, вели легендаta, се ожениле, и станале Македонци од Памир.

Реката Пјанџ на Памир
Еден друг факт дава подршка на ваквите верувања, имено Памирците зборуваат 16 различни јазици кои воопшто не се сродни со Таџикскиот јазик кој е сроден со Фарси јазикот кој се говори во денешен Иран а се одликуваат и по тоа што имаат европска физиономија. Овие 16 различни јазици се разликуваат и меѓу себе така што луѓе од едно до друго село не се разбираат едни со други освен кога комуницираат или на таџикски или на руски.

Девојченце од Памир
Ова може да сведочи за мултинационалниот карактер на Александровите војски каде што голем дел од неговите војски го сочинувале единици од земјите кои ги освојувал по патот до Средна Азија. Интересни се и топонимите на населените места како на пример Шид, Вранг, Ванч, Рушан, Горон, Бачор, Вир, Бунај, Пастуф, Хорог, итн како што би било интересно за лингвистите да ги проучат овие 16 јазици на Памир. Уште еден факт што ќе ве направи да се чуствувате како дома и уште една историска врска,овој пат со нашите Кирил и Методиј, е тоа што и Таџикскиот (потекло од Фарси јазикот) и Киргискиот (јазик мајка на Турскиот јазик) употребуваат кирилично писмо.

И така, без претензии кон научна или длабока анализа бидејќи за тоа треба многу голем простор, овој запис е скромен вовед во моето личо долгогодишно искуство со Средна Азија. Милион мали и големи овде неспомнати приказни ќе ги надополнуваат следните подетални пишувања. Она што мене ми остава силен впечаток е дека, веројатно поради долгата историска дистанца, не постои никаква зла крв или нетрпеливост што нашите предци ги покориле, напротив, сите во Средна Азија зборуваат со гордост за Александар и тој е длабоко вткаен во нивната историја. Дури и со гордост ќе ви кажат дека од името Александар доаѓа нивното популарно име Искандар или варијантата Скендер на Балканот. Во текот на сите овие години разбрав дека нашиот Александар покрај тоа што е наш, и припаѓа и на светската историја вклучително и на Персијците и на народите на Средна Азија и на сите други денешни држави каде што до ден денес постои како дел од нивната историја а и од нивните легенди и митови.

Горан Шумкоски

Меѓународен Експерт

www.sumkoski.com

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Претреси во Тетово, пронајдени над 75.000 парчиња пиротехника.

Полициски службеници од СВР Тетово со судска наредба денеска во периодот од 9:30 до 14:20 часот извршиле претреси на повеќе локации во Тетово и...

Албанија – прва земја на Балканот која го забрани Тикток

Албанската влада одлучи да ја блокира платформата Тикток во Албанија. Оваа вест ја потврди министерката за образование Огерта Манастирлиу при презентацијата на Новиот акциски...

Протече водата низ цевките, скопјани вечерва слободно можат да се тушираат и да си ги завршат домашните обврски.

Во завршна фаза се активностите за санација и децениски задоцнета модернизација на главниот градски водовод. Акцијата започна денес на 21ви Декември сабота во раните...

Македонски лекари херои во Магдебург: Д-р Станковски и Д-р Митевски спасуваа животи

Македонската амбасада во Германија на својот фејсбук профил напиша македонските специјалисти за интерна медицина и интензивна нега во болницата во Магдебург, синоќа го дадоа...