НИКОЛА КАРЕВ
На денешен ден 27.04.1905 кај село Рајчани, Кочанско, загинува Никола Карев, горскиот началник и водач на Илинденското востание, или како што го нарекува народот Претседателот на Крушевската република.
Никола Карев е роден на 23 Ноември 1877 година во Крушево, како четврто дете во сиромашното семејство Кареви.
Во 1892 година е принуден да го прекине школувањето и да се вработи како столарски чирак. Во 1895 година го напушта својот роден град и како 18-годишно момче заминува на печалба во Бугарија. Во прво време работи како помошник ѕидар, а потоа станува столарски работник во работилницата на велешкиот столар и основач на Македонската работничка социјалистичка група во Софија, Васил Главинов.
И самиот Карев се вклучува во работата на Македонската социјалистичка група.
Во Крушево се враќа во септември 1899 година за да го дозаврши своето образование.
Поради полагањето на завршниот испит во јуни 1900 година, Карев не учествува на Првата социјалистичка конференција во Македонија.
Една од одлуките на конференцијата била македонските социјалисти да влезат во редовите на Македонската Револуционерна Организација.
Социјалистите, вклучително и Карев, во Организацијата се примени во февруари 1901 година.
Во јуни 1901 година завршува четврти клас во Битолската гимназија и во учебната 1901/1902 станува учител во крушевското село Горно Дивјаци. Следната учебна година е префрлен на работа во Крушевската прогимназија.
Во Јануари 1903 година Никола Карев застанува на чело на револуционерниот комитет во Крушево.
Карев е учесник на Смилевскиот конгрес, од 2 до 7 мај 1903, на кој ќе се изјасни против решението за Илинденското востание, затоа што сметал дека народот сè уште не е доволно подготвен за да подигне востание. Сепак, по одлуката востанието да биде дигнато, во својство на началник на Горскиот крушевски штаб, Никола Карев активно учествува во подготовка и организација на востанието.
На 8 мај 1903 година Никола Карев ќе даде интервју за грчкиот весник Акрополис, во кое јасно му дава до знаење на грчкиот новинар дека е Македонец, дека е наследник на Александар Македонски и дека ВМРО е македонска организација:
– „ Македонец ли си?‛, го прашувам.
— Да.
— И следователно Грк?
— ‚За ова не знам‛, ми одговори, ‚јас сум Македонец‛.
— ‚Непосреден наследник на Александар Велики?‛, му велам иронично.
— Да.
— И Александар Македонски што беше, ве молам?
— Не знам, историјата вели дека бил Грк.
— Тогаш и ти, како негов наследник, си Грк.
— ‚Не‛, ми одговори.
— ‚Тогаш‛, го прашувам пак, ‚зошто кога веќе сте Грк сакате да се ослободите преку Бугарија?‛.
— Која Бугарија, мислиш на Комитетот?
— Да.
— Ти одговорам дека Комитетот не е бугарски и, второ, изгледа дека сме наклонети кон Бугарија затоа што само таа се покажува расположена да ни помогне. И Грција, ако го правеше истото, ќе ја прифатевме со цело наше срце.
— Бугарската заштита ја гледате само површно, Бугарија не сака да ве ослободи од турското ропство, туку да ве потчини.
— Ако Бугарија мисли да нè претвори во нејзина провинција, си направила лоша пресметка. Нас не нè интересира што мисли Бугарија, туку обрнуваме внимание само на следново: “Ја постигнавме ли целта”? Ја добивме ли нашата слобода? Не нè интересира дали ќе нè ослободи Грција или Бугарија. Единствено што може да добие секоја една од нив е само наша благодарност…“
***
Спроти востанието, Никола Карев во име на штабот, објавува Проглас во кој го повикува народот на востание.
Ноќта на 2 август 1903 година околу 750 востаници, предводени од горскиот начелник Никола Карев, го нападнале и го ослободиле Крушево.
По ослободувањето на Крушево, Карев ќе го објави познатиот Крушевскиот манифест до околното муслиманско население во кое братски се повикува да ја поддржи и да ја помогне борба на сите обесправени во Македонија.
Крушевската република била прва република на Балканот, и траела 10 дена, по што била крваво задушена од турскиот аскер.
Откако ќе биде задушена Крушевската република, Карев и еден дел од неговите соборци се повлекле во околните планини на Крушево, а кон средината на ноември 1903 година Никола Карев се префрлил прво во Белград, а оттаму во Софија.
Карев не можел да мирува во туѓа земја.
Во 1905 година Карев илегално влегува во Македонија.
На 26 април на пат кон Крушево, неговата чета преспива во село Рајчани, Кочанско.
На 27 април 1905 година, рано в зори селото било нападнато од турскиот аскер.
Карев и неговите комити решиле да излезат од селото за да не настрадаат селаните и се повлекле 2 километри кон југоисток во месноста Свиланово.
Кај Свиланово комитите се утврдиле во едно трло, во кое имало и колиба, и набрзо биле опколени и сардисани од турскиот аскер.
Нерамната борба траела цел ден, при што паднале многу жртви и од турска страна.
Само еден комита ќе успее да се спаси, а војводата Никола Карев и неговата чета херојски ќе го положат животот за слободата на Македонија.
НИКОЛА КАРЕВ ќе остане запишав во историјата како еден од најголемите македонски синови, борец за МАКЕДОНСКАТА слобода, Горски началник и водач на Илинденското востание, симбол на Крушевската република и верен следбеник на идеалите на Гоце Делчев.
ВЕЧНА ТИ СЛАВА ВОЈВОДО!