Од општината Воден (Едеса) бараме училишен простор за учење на македонскиот јазик, за организирање на часови за македонскиот јазик, велат од „Македонското движење за промоција на мајчиниот јазик Крсте Мисирков”.
Седиштето на ова здружение е во С’ботско (Аридеа), каде со многу потешкотии се организираат часови по македонски јазик.
Ако не добиеме одговор од општинските власти во Воден, тогаш некако ќе се снаоѓаме, вели Евгенија Нацулиду од здружението.
Една од варијантите, вели Нацулиду, е часовите да ги држиме преку интернет, бесплатно, еднаш неделно, за што веќе имаме и соодветна опрема.
Неодамна за постоењето на ова здружение беше поставено и пратеничко прашање од претседателот на десничарски ориентираната партија, Кирјакос Велопулос. Тој го прашаминистерот за надворешни работи на Грција за активностите на организација на „Македонското движење за промоција на мајчиниот јазик Крсте Мисирков” за воведување на пилот програма за изучување на македонскиот јазик преку интернет платформа. „Дали ова „претставува прекршување на националните суверени права на Грција, бидејќи содржи елементи на иредентизам”.
Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас одговори: „Во однос на јазикот на северниот сосед, Договорот од Преспа забележува дека припаѓа на групата јужнословенски јазици и нема никаква врска со грчката Македонија и грчкото наследство од антиката до денес. Овие работи се однесуваат на соседната земја и нејзините граѓани. Околу тоа кои јазици се изучуваат во нашата земја е прашање регулирано со грчките закони. Во случај приватно здружение да се обиде да го предава горенаведениот јазик, ова тело, како и секое друго, треба целосно да ги почитува одредбите предвидени со важечкиот закон“, одговара Дендиас.
На прашањето на Велопулос дали министерот за надворешни работи смета дека „горенаведеното е прв чекор за зацврстување на обидите за признавање на наводно македонско малцинство во Грција”, Дендиас кусо одговара дека „како што е познато, во Грција не постои македонско малцинство“.