10 C
Ohrid
четврток, октомври 22, 2020
Почетна Македонија Али Февзи кој од бербер стана ангел чувар на околу петстотини семејства...

Али Февзи кој од бербер стана ангел чувар на околу петстотини семејства !!!

Translate (Eng):[gtranslate]

По пишувањето на весникот ВЕЧЕР во април годинава за хуманоста на Февзи, за него слушнаа во целата држава, но и пошироко, така што неговата работа се зголемуваше од ден во ден, за да денеска, овој човек кој не познава вера и нација, е ангел чувар на околу петстотини семејства, од кои дури 70 проценти се самохрани мајки. Овој пат, со Али Февзи се слушнавме додека чекаше во една од скопските болници да го види својот татко, кој е таму на лекување. Ни рече дека е при крај со силите, не само физички, туку и материјално. Во изминативе 6 месеци целиот ангажман му бил да им помогне на тие што немаат и да не дозволи ниту една уста да остане гладна. Очекува неговата мисија да продолжи преку еден проект/ ТВ-шоу на телевизија, а доколку не се реализира, најавува повлекување од задачата која сам си ја зададе, помагајќи им на оние кои немаат

Светлана Блажевска

Бројот на лица, самохрани родители и на фамилии кои не можат да си обезбедат прехрана и бараат помош од чаирчанецот Али Февзи, секојдневно се зголемува. Овој човек со големо хумано срце уште од почетокот на пандемијата со коронавирусот од сопствен џеб купуваше храна и лекови и лично со својот автомобил им ја носеше на три скопски фамилии со по седум деца.

РЕКЛАМА

По пишувањето на весникот ВЕЧЕР во април годинава за хуманоста на Февзи, за него слушнаа во целата држава, но и пошироко, така што неговата работа се зголемуваше од ден во ден, за да денеска, овој човек кој не познава вера и нација, е ангел чувар на околу петстотини фамилии, од кои дури 70 проценти се самохрани мајки.

ОСАМЕН ВО ХУМАНОСТА

Овој пат, со Али Февзи се слушнавме додека чекаше во една од скопските болници да го види својот татко, кој е таму на лекување. Ни рече дека е при крај со силите, не само физички, туку и материјално. Во изминативе 6 месеци целиот ангажман му бил да им помогне на тие што немаат и да не дозволи ниту една уста да остане гладна. Во неговата хумана мисија очекувал да му се приклучат и други луѓе, но до поголема масовност не дошло. Освен што инцидентно понекогаш некој ќе му доставел пакети со храна, како на пример Црвениот крст од каде донирале 200 пакети и фирмите на премиерот Зоран Заев со донација од 400 пакети, се друго било нешто ситно со пари, во храна и облека.

– Има наши гастарбајтери кои работат во странство да пуштат некоја ситна пара и толку. Мене еден пакет со храна што го правам, ме кошта 900 денари. Фала богу имам пари што ги заработив во Виена како фризер, но имам нешто и од родителите, па со тоа купувам намирници и ги правам пакетите во мојот берберски салон во Чаир. Но, бројот на оние што им треба мојата помош секојдневно расте и не знам како ќе биде понатаму. Друго би било кога би ми се јавиле големи компании, па да дадат донации, да речеме по илјада евра. Еве колата не можам да ја возам бидејќи не ми е регистрирана и таман ќе речам денеска да ја однесам на регистрација, ќе ми се јават на телефон и ќе ми побараат помош и парите за регистрација ги пренасочувам да им купам храна – ни рече Февзи.

На почетокот на неговата хуманитарна акција, тој лично низ Скопје ги дистрибуирал пакетите со автомобилот, но сега вели дека ги повикува луѓето пакетите лично да ги подигаат од неговиот салон.

– Никој досега не направил вакво нешто во нашата држава. Сакав да отворам и социјална кујна каде што ќе можат да доаѓаат луѓето и да се хранат, а истовремено ќе може да се вработат некои кои ќе ја подготвуваат храната. Барањето го упатив до премиерот, но сè уште немам одговор – вели Февзи.

 „БИДИ АЛИ“ ВО ТВ-ШОУ

Тој има хуманитарна организација која се вика „Биди Али“. Преку неа сака да се вклучи во еден проект што треба да се реализира на една скопска телевизија. Станува збор за македонска верзија на едно телевизиско шоу што се емитува во соседна Србија во кое на сиромашни им се реновираат и опремуваат домовите.

– Сè уште течат преговорите со продуцентот на тој серијал кој е мошне гледан во Србија во кој им се помага на сиромашни граѓани во реновирање на нивните куќи, станови, живеалишта. Од нашата телевизија ми понудија да им наоѓам семејства кои би сакале да учествуваат во ТВ-шоуто и да говорат за нивните маки и проблеми. За возврат ќе добијат реновиран дом од темел до покрив со целокупната опрема внатре. Мојата хуманитарна организација, пак, ќе добие простории каде таквите семејства ќе можат да се пријавуваат. Тоа ќе биде голем напор за мене, со многу нервози, но се надевам дека шоуто ќе се реализира, веќе се снимени неколку фамилии. Во спротивно, размислувам да ја напуштам оваа хумана мисија, бидејќи тешко се издржува – со воздишка кажува Февзи.

  БОРЧЕ ОД ПРЖИНО

Еден од оние кои добиваат храна од Февзи е и 36-годишниот Боривоје Грујиќ или Борче, како што е познат во неговата населба Пржино, општина Кисела Вода. Велат дека има проблем со менталното здравје. Живее сам во руинирана куќарка, без струја и вода и во неизвесност дали ќе има оброк во текот на денот.

Тие што го познаваат велат дека нема лична карта и други лични документи и е лице со нарушен вид. Ноќно време не излегува бидејќи нема струја во преспивалиштето, ниту пак гледа добро. Легнува во 9 часот навечер, а станува во 5 часот наутро.

– Борче можете да го сретнете секој ден на контејнерите во населба Кисела Вода. Собира храна за животните со кои го дели кровот и постелата. Живее со четири кози, три кокошки и едно прекрасно куче. Во куќарката нема никакво греење, а наближува студено време. Спие на распаднат душек и нема достоинствен кревет. Борче живее во влага, без услови за лична хигиена во услови на глобална пандемија. Се нема искапено, ниту потстрижено со месеци, можеби подолго од година. Нема дури ни заштитна респираторна маска, бидејќи не може да си ја дозволи – раскажува за него Орхан кој фотографиите од Борче и неговото живеалиште ги сподели на Фејсбук.

Орхан вели дека Борче живее од јадење на јаболка што му растат во дворот, неколку јајца од кокошките и сув леб, како и од помошта на неколку хумани граѓани. Кучето на Борче јаде суво лепче и коски од локалните месари, како и храна што ќе ја најде во контејнерите, за стоката, но и за себе.

– Козите на Борче не даваат млеко бидејќи се неухранети. Се хранат од околните пасишта на самите падини од Водно, непосредно над руинираното ѓубриште во кое живее. Не е приклучен на градската водоводна мрежа или, пак, е исклучен поради неплатени сметки, не знам. Борче пие бунарска вода со кафеавкаста боја од својот двор. Нема никакви примања за да си купи лекарства, а нема пристап до здравствено осигурување ниту, пак, пристап до социјалната помош која по закон му следува на секое неимотно и деловно неспособно лице со ментална попреченост, лице кое живее на маргините на општеството, лице кое живее и спие со животни во месец септември 2020 година, во оваа наша држава кандидат за членство во ЕУ – вели Орхан.

Тој е разочаран што луѓето се занимаваат со најбанални политики и сосема небитни работи, а тука, околу нас, постојат луѓе кои не можат да преживеат и се на работ на егзистенцијата, лица кои имаат ограничен пристап до механизмите на социјална заштита од страна на државата поради деловна неспособност.

Извор: Вечер

за повеќе информаации на следниот линк:https://www.vecer.press/%d1%87%d0%b0%d0%b8%d1%80%d1%87%d0%b0%d0%bd%d0%b5%d1%86%d0%be%d1%82-%d0%b0%d0%bb%d0%b8-%d1%84%d0%b5%d0%b2%d0%b7%d0%b8-%d0%ba%d0%be%d1%98-%d0%be%d0%b4-%d0%b1%d0%b5%d1%80%d0%b1%d0%b5%d1%80-%d1%81%d1%82/

- Реклами -