10.9 C
Ohrid
понеделник, октомври 14, 2024
ПочетнаМакедонијаНа денешен ден 2001 година - На 21 август во 3:40 часот...

На денешен ден 2001 година – На 21 август во 3:40 часот по полноќ е минирана и уништена до темел црквата Свети Атанасиј во Лешочкиот манастир, Тетовско.

На денешен ден…

2001 – На 21 август во 3:40 часот терористи на ОНА ја минираа и целосно уништија манастирската црква “Свети Атанасиј“ во далеку прочуениот Лешочки манастир под Шар Планина.
Со минирање, манастирската црква “Свети Атанасиј“ беше до темел разрушена. Остана само нартексот од западниот дел и скоро целиот западен ѕид од наосот. Двете куполи на нартексот беа останати, при што на јужната купола беа видливи конструктивни пукнатини. Се’ беше уништено од експлозијата, освен неколку фрески на светители коишто останале на неурнатите ѕидови… Црквата “Свети Атанасиј“ беше реконструирана со истиот камен користен во нејзината првична изградба. Камењата беа сочувани и нумерирани со помош на националниот Институт за заштита на културното наследство, кој направи детална студија за проектот. Обновата на ѕидот и фасадата се изврши со помош на Брисел кој обезбеди 410.000 евра преку Европската агенција за реконструкција во Македонија.

Преосветувањето на Црквата “Свети Атанасиј“ се изврши на 14 октомври 2007 година, на празникот Успение на Пресвета Богородица, кога Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва прославуваа 40 години од возобновувањето на нејзината автокефалност. Преосветувањето на Црквата го изврши Неговото Блаженство г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, со присуство на повеќе архиереи на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ.

Лешочкиот манастир претставува најголем духовен центар во Тетовско. Манастирот е сместен во природен амбиент во близина на селото Лешок, на надморска височина од 610 метри. Во манастирскиот комплекс се наоѓаат црквите “Свети Атанасиј“ и “Света Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчинович кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век.

Во манастирските конаци има параклис посветен на светите Кирил и Методиј, додека надвор од манастирскиот комплекс има стара црква посветена на Атанасиј Александриски позната како Стар манастир.

Манастирот за првпат е основан во 1321 година од страна на епископот полошки Антониј. Комплетното заживување кое е видливо и денес се должи на доаѓањето на Кирил Пејчинович од Света Гора во 1818 година, кога се обновени манастирските конаци и е основана манастирската библиотека. Во тоа време Лешок прераснал во книжевен и просветен центар. Манастирските конаци денес се реновирани, располагаат со сместувачки капацитети и особено се погодни за летен манастирски туризам.

Манастирот досега двапати е рушен. Првпат во 1690 година Османлиите го разурнале целиот комплекс со црквите. Вторпат манастирот го кренале во воздух албанските терористи во војната 2001 година.

За првпат манастирот е сардисан во 1710 година. Тогаш турски јаничари го нападнале манастирот, монасите целосно се разбегале и манастирот останал напуштен се’ до доаѓањето на Кирил Пејчинович кој го возобновил монашкото братство во 1817/18 година.

По вторпат манастирот бил сардисан од Албанците од соседното село Слатина и од други долнополошки села во август 1905 година. Причина било убиството на двајца слатинчани во Слатинското Поле, ноќта пред празникот Света Богородица, од група комити, за кои се мислело дека се наоѓаат во Манастирот. Благодарение на големата присебност и на мудроста на тогашниот игумен јеремонах Еротеј во тие критични моменти, сардисувањето не завршило со трагични последици за Манастирот и присутните илјадници гости.

По третпат манастирот е сардисан за време на војната 2001 година на 21 август. Со силна детонација во 3 часот утрото, црквата “Свети Атанасиј“ била разрушена до темел со минирање.

Иако разурнат, во организација на дневниот весник Дневник и Светскиот Македонски Конгрес, на 28 август 2001, манастирот беше посетен и во него одбележан празникот Успение на Пресвета Богородица. Се разбира, не со зурли и тапани, туку со солзи, јад и жал. И покрај педупредувањето од Владата, дека манастирскиот комплекс и пристапот до него е миниран и дека одговорноста е на тие што ќе заминат, а Владата не гарантира безбедно пристигнување, конвој од автобуси и стотина возила на 28 август 2001 година во утринските часови замина кон Лешочкиот манастир. Полициски возила го следеа конвојот до Тутунскиот комбинат во Тетово, а оттаму автобусите и возилата продолжија кон Лешочкиот манстир без полициска придружба.

Не постоеше страв кај верниците и медиумите кои на 28 август 2001 година заминаа кон Лешочкиот манастир и покрај сите владини предупредувања. Во конвојот имаше и домашни и странски медиуми. Не бодреше верата во Бога и мислата дека традицијата за манастирската слава мора да продолжи, празникот Успение на Пресвета Богородица мора да се одбележи, независно од војната и минирањето на манастирот. За среќа и со Божја промисла, попат конвојот не доживеа никаква провокација од никого, бебзедно пристигнавме во манастирот. И покрај предупердувањето дека манастирот е миниран, не не’ пресретна минско поле, ниту детонации. Се разбира, морничава беше глетката од разурнатиот манастир кој на сите ни беше пред очи со сета негова божја убавина пред 21 август. Од редакцијата на Дневник побараа веднаш да се вратиме назад кон возилата на пат за Скопје. Делегацијата на Светскиот Македонски Конгрес беше убедена дека не дојдовме туристички, за веднаш да се вратиме, туку пред заминување со молебен да го прекршиме славскиот колач од свештеник на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Лично се јавив во полошката митрополија, ни потврдија дека од безбедносни причини Неговото Високопреосвештенство г. Кирил Митрополит Полошко-Кумановски не е во можност да пристигне во манастирот, меѓутоа поради наше инсистирање ќе испратат свештеник да одржи молебен во манастирот. Решивме да го почекаме свештеникот од Тетово, сите бевме возбудени. Од околните ридишта над манастирот се забележуваа вооружени лица во црни унифирми кои го следеа нашето присуство.

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Касами бара парите да бидат на албански јазик.

Биљал Касами вчера во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека еден од Законите кои мора да се промени е тој за Централна банка,...

Зетот на убиениот Панче: Велибор ги извадил бекатон плочките од дворот на Панче

Тодор Кирков, зет на убиениот Панче Жежовски, денеска сведочеше на судењето за двојното убиство. Во својот исказ, Кирков ја опиша динамиката на односите со...

Тошковски најави засилен видео-надзор откако првооделенци сакале да силуваат ученик во Скопје

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска, најави засилување на видео-надзорот, како и присуството на полициски службеници, откако завчера двајца првооделенци од училиштето „Димитар...

Ново пукање во Чаир: Непознати лица му пукале во нога додека пешачел.

Денеска (14.10.2024) околу 18.10 часот од ГОБ „Св.Н. Охридски“ во СВР Скопје е пријавено дека во болницата бил донесен повреден Е.А. (35) од Скопје,...